ВестиКултура на живеење

Ајлин Гу во футуристички спектакл на Мет Гала

Oлимписката шампионка и моделка Ајлин Гу се појави во футуристичка креација на дизајнерката Ирис ван Херпен што буквално оживеа на црвениот тепих

На годинешното, 76. издание на Мет Гала, вечер што на Институтот за костими донесе рекордни 42 милиони долари – десет повеќе од лани – вниманието, како и секогаш, беше вредна валута. Токму во таа силна конкуренција, како креативни победници на вечерта се издвоија дизајнерката Ирис ван Херпен и уметничкото дуо А.А. Мураками, чија визионерска креација ја носеше олимписката победничка и модел Ајлин Гу. Таа носеше вистинска подвижна уметничка инсталација – „Аиро“ фустан, дело на холандската дизајнерка Ирис ван Херпен, создаден во соработка со уметничкото дуо А.А. Мураками.

Футуристичката креација, инспирирана од леснотијата на воздухот и постојаното движење, беше обликувана од 15.000 рачно моделирани иридесцентни стаклени сфери, прецизно фиксирани со специјална УВ-техника. За нејзината изработка биле потребни 2.550 часа посветена работа во период од 15 недели, во која учествувал мултидисциплинарен тим составен од експерти за висока мода, наука и компјутерски дизајн.

Но, визуелната спектакуларност не завршува тука. Под структурата на фустанот беа вградени микропроцесори кои, во однапред програмирани интервали, ослободуваа вистински меури што тивко се издигаа околу силуетата на Гу, давајќи и на креацијата впечаток на постојано движење и трансформација.

Буквално носам уметност – изјави Гу на црвениот тепих.Технологијата под фустанот овозможува модата и уметноста да се спојат – тоа е игра со надреализмот, со движењето и природата, Креацијата совршено се вклопи во годинашната тема на Мет Гала – „Модата е уметност, истражувајќи го телото како простор за трансформација и експеримент. Облакот од меури намерно ги замаглуваше контурите на атлетската фигура на Гу, создавајќи мистична појава.

Според Ирис ван Херпен, концептот ја рефлектира самата природа на човечкото тело. Меурите ја симболизираат анатомијата на човекот, составена од 99,9 проценти празен простор, и ја прикажуваат телесноста како динамично поле на материја и енергија“, објасни таа. На следниот линк е на инстаграм поставено кусото видео на Гу на Met Gala: https://www.instagram.com/irisvanherpen/reel/DX8J6gSsjIT/

Со оваа креација, Ван Херпен уште еднаш ја потврди својата репутација на пионер во спојувањето на модата со науката и иновативната технологија, испраќајќи јасна порака дека иднината на haute couture не е само во рачната изработка, туку и во интелигентната интеракција меѓу дизајнот, инженерството и уметничката визија.

Настапот на Ајлин Гу не беше само моден избор, туку жив перформанс што покажа дека современата мода може да биде истовремено спектакл, концепт и инспиративно уметничко искуство.

Credits: Iris van Herpen

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.