
Македонија повторно на светската сцена на убавината
По подолг период на отсуство од една од најгламурозните светски манифестации, нашата земја ќе има своја претставничка на изборот за „Мис на светот“. Дваесетгодишната Чарна Невзати, млада студентка, модел и докажан оратор, ќе ја носи нашата гордост, традиција и култура пред очите на светот, докажувајќи дека убавината, интелигенцијата и самодовербата се најсилното оружје на новата генерација амбасадори на нашата земја.
Финалето за избор за „Мис на светот”, ќе се одржи на 31 мај во градот Хајдерабад, Индија, а фестивалските активности ќе траат месец дена.
По внимателен избор од страна на организаторот и сопственик на лиценцата, г-дин Шаќир Села, воедно и сопственик на најпознатата модна агенција „Даман” во Истанбул, титулата „Мис Македонија” ја понесе Чарна Невзати од Скопје.
Чарна е студентка на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје кадешто е двоен победник, со освоена специјална награда за најдобар сценски настап „ Бранко Ѓорчев“ и е победничка на 26та Ораторска вечер „Иво Пухан“. Професионално се занимава со моделинг, како дел од модната агенција „Макс Моделс”и има реализирано низа модни кампањи за познати домашни и светски брендови.
Чарна Невзати ќе биде дел од 72-от избор на убавина за „Мис на светот” на кој ќе учествуваат 120 држави. Таа плени со својата природна убавина, интелегенција и самодоверба. Во очи на настанот, изјави дека ѝ претставува голема чест и задоволство да ја претставува Македонија, нашето национално богатство и култура.
„Веруваме дека нашата претставничка ќе биде достојна амбасадорка на македонската убавина, култура и вредности на светската сцена и најдобро ќе ја промовира државата на светско ниво.” – истакна г-дин Села, кој минатата година за првпат по 15 години организираше избор на убавина во нашата држава./M.M.