Додека луксузната модна куќа Chloé ги продава своите флуидни блузи со волани по цена од 1.600 долари, Zara лансираше визуелно речиси идентичен модел од линијата „ZW Collection“ за само 60 евра, пресликувајќи ја препознатливата француска бохо-шик естетика за само неколку недели.
Додека светската модна елита сè уште ги сумира впечатоците од париските модни писти, продавниците на high-street брендовите ширум светот веќе се преплавени со речиси идентични парчиња, предизвикувајќи видно незадоволство кај дел од модната јавност. Модната куќа Chloé доживува нова ренесанса под водство на креативната директорка Чемена Камали, а нејзиниот препознатлив бохо-шик стил со каскадни карнери и лелеав шифон е прогласен за апсолутен моден императив на сезоната.
Но, успехот на парискиот бренд како да ја отвори повторно Пандорината кутија поттикнувајќи една од најголемите дебати на модната индустрија: каде завршува инспирацијата, а каде започнува отворениот плагијат? Шпанскиот high-street гигант Zara реагираше со молскавична брзина, лансирајќи модели кои изгледаат речиси идентично со луксузните оригинали, оставајќи ги модните критичари во шок, а профитот на дизајнерските куќи под знак прашалник.
Контроверзија од модната писта: Блуза од 1.600 долари за само 60 евра
Главен повод за лавината коментари на социјалните мрежи и во модните списанија беше белата блуза на Zara од премиум линијата „ZW Collection“. Станува збор за предимензиониран модел со длабоко V-деколте и богати каскадни волани на ракавите и градите – заштитен знак на новата естетика на Chloé.
Додека модните инсајдери и критичари ја обвинуваат Zara за бескрупулозна кражба на авторскиот труд, бидејќи пресликала модел чиј оригинал чини вртоглави 1.600 долари, нејзината верзија од 60 евра стана инстантен хит.
Платформите како TikTok и Instagram се преплавени со видеа означени со „Chloé dupe“, каде милиони девојки ширум светот се натпреваруваат да ги купат достапните пастелни макси-фустани и комплети со англиски вез од Zara, со цел да го постигнат престижниот париски изглед за значително помалку пари.
Овој случај повторно ја подели јавноста на два спротивставени табора.
Критичарите и дизајнерите предупредуваат дека брзата мода ја задушува креативноста на високата мода. Тие истакнуваат дека брендовите како Zara не инвестираат во повеќемесечен процес на истражување, кроење и развој на материјали, туку едноставно го „пресликуваат“ веќе докажаниот успех на независните креатори, со што директно ја обезвреднуваат нивната работа.
Од друга страна, купувачите и поддржувачите на достапната мода ја бранат Zara, нагласувајќи дека просечниот потрошувач никогаш не би можел да издвои 1.600 долари за едно парче облека. Од нивна перспектива, цената од 60 евра претставува неопходна „демократизација на модата“, која им овозможува на сите да ги следат актуелните трендови, без оглед на длабочината на џебот.
Иако правната регулатива во модната индустрија сè уште содржи празнини што им овозможуваат на high-street брендовите да избегнат тужби доколку изменат минимални детали на облеката, едно е сигурно – бохо естетиката на Chloé, благодарение на Zara, официјално стана униформа на сезоната, а границата меѓу луксузот и уличната мода никогаш не била потенка./M.M.


















