Ракотворци

Книговез – за Драган и Билјана Георгиевски

Комбинацијата на хартијата со кожата беше полн погодок за да можеме да ги изработуваме нашите бележници, кои се заштитен знак за Книговез. – Една од најзначајните активности ни се организирањето на работилници за посетителите, каде секој може да се запознае со нашиот начин на работа

 

Книговез како занаетчиска работилница е синоним за автентични и вонвременски производи.

Идејата да се направи бренд потекнува од далечната 1979 година во Битола, кога беше отворена книговезница и печатница од страна на моите родители, вели Драган Георгиевски, раскажувајќи за создавањето на Книговез.

Следејќи ги новите трендови и подобрите услови за работа Книговез се пресели во Охрид, каде што јас како втора генерација, заедно со мојата сопруга ја продолживме приказната на Книговез, сега вклучувајќи ја и кожата, како неизоставен дел на нашето работење. Се надевам дека Книговез ќе има трета генерација творци – нашите синови кои би сакале да ја продолжат традицијата.

Комбинацијата на хартијата со кожата беше полн погодок за да можеме да ги изработуваме нашите бележници, кои се заштитен знак за Книговез. Исто така, изработуваме и ексклузивни книги, футроли, ремени, ташни, албуми, сувенири од кожа, кои се исклучиво рачно сошиени со восочни и кожни конци, метални додатоци: нитни и токи.

 

Можам да кажам дека поврзувањето на книгите сум го научил од моите родители, но со кожата се запознав преку литература која ја набавував и чекор по чекор навлегував во нејзините тајни.

Една од најзначајните активности ни се организирањето на работилници за посетителите, каде секој може да се запознае со нашиот начин на работа. Дури може да си одбере кожа, конец и да си направи модел, сам да го сошие рачно и да си има уникатен производ. Овие работилници ни се посебно драги затоа што запознавме луѓе од целиот свет и тие стануваат наши пријатели, кои ја почитуваат нашата работа. Во исто време и ние имаме чувство дека патуваме, затоа што запознавме нови луѓе кои ни раскажуваат за нивните земји.

Нашето мото е секогаш да бидеме искрени со посетителите, никогаш да не ветуваме нешто што не можеме да оствариме. Секогаш да ги пратиме новите трендови каде што ќе можеме да ги користиме старите техники на работа, да внесеме дел од нашата душа во секој изработен примерок. Да бидеме истрајни, да учиме и да ја почитуваме нашата конкуренција.

       

Од оваа професија може да се живее, да се опстои, истакнува Георгиевски. Не сме богати материјално, но духовно сме исполнети. Убаво ни е на душата кога ќе видиме задоволен посетител кој го вреднува нашиот труд. Сите луѓе сакаат да имаат нешто уникатно и мило ни е што не одбираат токму нас.

 

You may also like

Comments are closed.