Петтото издание е во сабота, во хотелот „Континентал“, со домашни деликатеси, дегустации, мастер-класови и богата едукативна програма
Оваа сабота, 28 ноември, од 11 до 20 часот, во хотелот „Континентал“ ќе се одржи петтото издание на Слоу Фуд салонот, настан посветен на автентичната храна, традиционалните производи и одржливата гастрономија. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат и да купат производи од домашни производители, но и да проследат разновидна едукативна и интерактивна програма.
Производителите од конвивиумите на Слоу Фуд Македонија ќе ги претстават своите производи, меѓу кои млечни и сувомесни специјалитети, зимница, домашни сокови, производи од тартуфи, мед, маџун, маслиново масло, слатка и џемови.
Програмата вклучува мастер-класови за наградуваните вина на меѓународните вински натпревари во 2026 година, пивските стилови и дестилатите, како и Слоу Фуд миксологија, посветена на коктел-комбинации со пијалаци од домашни производители.
Во рамките на Слоу Фуд Арената ќе се одржат панел-дискусии за здравата детска исхрана, обичаите како дел од културата на храната и одговорноста за вишокот храна. Школата за одржлива гастрономија ќе понуди презентации за подготовка на леб со кисело тесто и производство на сирење со природно сирило.
Посебен дел од програмата е посветен на младите и нивниот активизам во создавањето промени во системот на храна, а најмладите посетители ќе можат да учествуваат во активности и игри во детското катче „Не лути се, полжавче“.
Посетителите ќе имаат можност да се запознаат и со Слоу Фуд фармите, како и да остават свој белег на интерактивниот Слоу Фуд ѕид преку омилен рецепт, кулинарска мисла или порака посветена на храната.
Организатори на настанот се Слоу Фуд Водно и Слоу Фуд Македонија, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шведска и We Effect.






