Модна ревија на водечки италијански брендови и ретроспективна изложба на модели на очила од 1940 до 2026 година во Музејот на НОБ, во Скопје
Вчеравечер во Музејот на Народноослободителната борба во Скопје се одржа модна ревија и ретроспективна изложба на италијански очила, во присуство на амбасадори, дипломати и претставници од културниот и модниот живот. Настанот, посветен и на промоција на италијанскиот дизајн и на „Made in Italy“ концептот, беше во организација на Italian Trade Agency, Амбасадата на Италија во Скопје и Диоптра.
На ревијата беа прикажани очила од водечки италијански брендови, меѓу кои Lozza, Persol, Dolce & Gabbana, Trevi Coliseum, Giorgio Armani, Gucci, Valentino, Fendi и Furla, со селекција што опфаќа модели од 1940-тите години до современи колекции.
Настанот го отвори амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери, кој истакна дека индустријата за очила претставува еден од најпрепознатливите сегменти на „Made in Italy“, заснован на долгогодишна традиција, развиен производствен систем и значително присуство на меѓународните пазари, особено во сегментот на луксузни производи.
Во рамки на ревијата беа претставени модели инспирирани од различни децении, при што стилскиот пристап на облеката и визуелниот концепт ја следеа естетиката на секој временски период. Облеката на моделите беше подготвена од Magnetic.
По ревијата беше отворена ретроспективна изложба на која беа изложени оригинални модели на италијански очила од периодот од 1940 до 2026 година, како заокружување на концептот што ја поврзува модата, индустријата и дизајнот. Во визуелниот концепт на настанот беа вклучени референци на италијанската филмска и модна естетика од 50-тите, 60-тите и 70-тите години, со асоцијации на Софија Лорен и Марчело Мастројани како симболи на елеганцијата и стилот на тој период.
Со настанот се одбележаа Денот на италијанскиот дизајн во светот и Денот на „Made in Italy“, како иницијативи насочени кон промоција на италијанската креативна и индустриска продукција на меѓународно ниво.
Фото: Моден викенд-Скопје и МодаМода



















