Витаминот Д како нова надеж во терапијата на воспалителните болести на цревата
Новата студија, објавена во Medical News Today, покажува дека витаминот Д може не само да го намали воспалението кај пациентите со Кронова болест и улцеративен колитис, туку и да влијае врз „пренасочување“ на имунолошкиот систем кон толеранција, отворајќи можност за негова улога како дополнителна терапија, иако експертите предупредуваат дека се потребни и дополнителни докази за реален клинички ефект.
Студијата е резултат на работата на тим истражувачи предводен од Џон Марк Губатан, гастроентеролог од Mayo Clinic во Џексонвил, Флорида, САД. Истражувањето вклучи 48 возрасни лица со Кронова болест или улцеративен колитис и низок нивo на витамин Д, кои примале неделни дози витамин Д во период од 12 недели, при што биле испитувани имунолошките реакции и маркерите на воспаление пред и по третманот.
Студијата отвора нова перспектива во третманот на воспалителни болести на цревата (Inflammatory bowel disease), група хронични состојби во кои спаѓаат Кроновата болест (Crohn’s disease) и улцеративен колитис (Ulcerative colitis), сугерирајќи дека витаминот Д не само што може да го намали воспалението, туку и да влијае врз начинот на кој имунолошкиот систем реагира на бактериите во цревата.
Воспалителните болести на цревата претставуваат значаен и растечки глобален здравствен проблем, со проценки дека околу 4,9 милиони луѓе ширум светот живеат со овие состојби. Податоците укажуваат и на континуиран пораст на бројот на заболени во изминатите децении, со особено во развиените земји.
Според објавената анализа, најголем дел од постојните терапии се насочени кон сузбивање на воспалението преку употреба на стероиди, имуносупресиви и биолошки лекови. Новото истражување, пак, упатува на можноста витаминот Д да има поширока улога – да го „пренасочи“ имунолошкиот систем кон толеранција наместо кон напад врз сопствената цревна микрофлора, што се смета за еден од клучните механизми на овие заболувања.
По завршувањето на третманот, кај учесниците биле забележани намалени показатели за активност на болеста, пониски вредности на воспалителни маркери во столицата, како и промени во два клучни имунолошки протеина, што укажува на можен ефект врз самата имунолошка регулација.
Сепак, дел од експертската јавност повикува на претпазливост. Кристијано Панини, гастроентеролог од Рим, предупредува дека ваквите биолошки показатели немора директно да значат и јасна клиничка корист за пациентите. Според него, постои ризик резултатите да се преценат кога се применуваат во реална клиничка пракса.
Иако наодите отвораат нова насока во разбирањето на болеста – можност за влијание врз основниот имунолошки одговор, а не само врз воспалението – потребни се дополнителни истражувања за да се потврди вистинската клиничка вредност на витаминот Д во третманот на овие хронични состојби./M.M.



















