Уникатна дизајнерска чанта инспирирана од орнаментиката на мијачкото свадбарско знаме е дел од заедничкиот авторски проект на Ателје Креација и Le Brand Studio
Вековната македонска традиција добива нов живот преку заедничкиот авторски проект на Ателје Креација и Le Brand Studio, кои ја претвора препознатливата орнаментика на мијачкото свадбарско знаме во современ моден израз.
Инспирацијата за проектот произлегува од еден од најзначајните симболи на Галичката свадба и македонското културно наследство. Орнаментите што со векови се пренесуваат како дел од традицијата и некогаш гордо се вееле низ калдрмите на Галичник, сега се преточени во уникатна дизајнерска чанта, создавајќи визуелен мост меѓу минатото и современоста.
Во дизајнот се вградени симболиката на љубовта, достоинството, припадноста и наследството – вредности што традицијата ги пренесува од генерација на генерација. Но, наместо да останат само дел од фолклорната меморија, тие добиваат нов живот во предмет што е дел од современото секојдневие.
Проектот на Ателје Креација и Le Brand Studio ја отвора и пошироката тема за можностите традиционалното културно наследство да стане дел од современата креативна индустрија. Наместо традицијата да биде само спомен од минатото или експонат во музеј, таа може да продолжи да живее преку современ дизајн и предмети создадени со почит кон сопствените корени.

Чантата е наменета за жената која во својот стил ја препознава вредноста на идентитетот и културното наследство, но и за онаа која сака својата приказна да ја носи со себе – низ градските улици, во секојдневието или во миговите на враќање кон сопствените корени.
Видео линк: https://www.instagram.com/reel/DaswjNxk5qX/?igsh=a2oxc2UxeTlzcGR3



















