Амарантот е древно растение со потекло од Јужна и Централна Америка. Го одгледувале Ацтеките, додека денес е дел од исхраната на луѓето во Индија, Кина, Русија и Африка.
Иако неговото зрно наликува на киноа или леќа, амарантот не е житарка. Има голем број на диви и култивирани видови, а на овие простори најпознат е црвениот амарант.
Семките на амарантот наликуваат на леќа, не содржат глутен, па луѓето кои се со глутенска ентеропатија можат слободно да го користат во исхраната. Се препорачува и на трудниците, како и на малите деца.
Со високата концентрација на квалитетни протеини, амарантот надминува многу житни култури. Содржи и лизин, есенцијална киселина, која ретко се наоѓа во растенијата. Иман околу осум проценти маснотии, од кои 75 проценти се незаситени масни киселини.
Амарантот има многу минерали: на прво место е сулфурот, кој го помага лачењето на црниот дроб и жолчката. Магнезиумот е одговорен и за учество во ензимските процеси, го намалува холестеролот и е неопходен за нормална функција на витаминот Ц и дејството на витаминот Б1. Природен извор е на железо, како и на калциум и калиумот . Цинкот од ова растение учествува во создавањето на колаген, го помага метаболизмот на протеините, јаглехидратите и фосфорот. Содржината на бакар, фосфор и селен го поттикнува формирањето на коските и синтезата на хемоглобинот, ја поттикнува нервната активност, растот и поправката на клетките, го зајакнува имунитетот… Витамините од групата Б, како и витамините А, Е и Ц во неговиот состав дополнително придонесуваат за доброто здравје.
Тешко е да се набројат лековитите ефекти што амарантот ги има врз човечкото тело, но и самиот прекар – храна на боговите, зборува за исклучителниот квалитет. Освен што го зајакнува нервниот систем, позитивно влијае и на функциите на мозокот и метаболизмот. Го зголемува имунитетот и дава сила. Се препорачува во исхраната на децата, трудниците и постарите лица.
Последните неколку години, неговото брашно се повеќе го користат кулинарските мајстори, така што амарантот се користи за подготовка на колачи и тестенини, а целото зрно за разни јадења.
Листовите од амарант исто така имаат исклучителна хранлива вредност – се користат свежи и зачинети, како салата.
За да го зготвите семето од амарант, ставете го во зовриена вода во сооднос еден спрема три. Гответе во покриен сад, на тивок оган, околу половина час, а потоа оставете го да отстои уште десетина минути. Додадете зачини по желба./М.М.

You may also like

Comments are closed.