
Во чест на Денот на планетата Земја, во Кинотека на Македонија се одржа проекција и панел-дискусија со експерти, при што уметноста беше претставена како најмоќниот медиум за еколошка свест.
Со проекција на документарниот филм *TerraForma*, во Кинотека на Македонија беше одбележано пролетното издание на ECOSCOP – иницијатива во рамките на Мрежата на филмски фестивали од јадранскиот регион. Настанот, кој се одржа на 22 април, симболично се совпадна со Денот на планетата Земја, а организаторите ја искористија можноста да испратат силна порака за потребата од заштита на животната средина.

Филмот *TerraForma* ја раскажува приказната за трансформацијата на изолиран вулкански остров во тропски рај – процес кој симболично го рефлектира влијанието на човештвото врз природата. Приказната ја отвора темата за опасноста од т.н. „тераформирање“ на пејзажите, каде човекот со својата амбиција го менува природниот тек и суштината.
На панелот, Ханес Јекл, ко-основач на „Man and Mountain“, говореше за иницијативата „Генералка викенд“, која за пет години пораснала од 10 општини и 1.000 волонтери до национален еко-движечки мотор со 81 општина и 45.000 волонтери. Јекл истакна дека целта е Македонија да се исчисти од отпад до 2031 година и најави следна акција за чистење на Аквадуктот на 9 мај.
– Ова е наша земја, и ние имаме капацитет да ја направиме подобро место за живеење – рече Јекл, нагласувајќи дека културата и уметноста имаат голем потенцијал да го разбудат еколошкото сознание кај јавноста.
Во продолжение, Ѓорѓи Митревски од „Еко-свест“ посочи дека нивната организација веќе пет години соработува со уметници, независни културни центри и фестивали во обид, преку креативни медиуми, да го пренесе значењето на заштитата на природата.
– Уметноста е можеби најмоќниот медиум за ширење на еколошката порака – истакна Митревски. Тој нагласи дека Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, сè уште е дом на недопрени речни екосистеми, какви што веќе не постојат во голем дел од Европа, и токму тоа е борбата што тие ја водат.
За оние кои не беа во можност да присуствуваат на проекцијата, филмот *TerraForma* ќе биде достапен онлајн во наредната недела на платформата : https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/.
Фотографија: Татјана Ранташа
