Сè уште популарен меѓу уметниците, бохо стилот овозможува најголемо самоизразување меѓу најпопуларните стилови на дизајн
Иако повеќето знаат што значи зборот „боемски“, ретки се оние што го поврзуваат со „бохо„. Имено, бохо потекнува од францускиот збор боем, кој некогаш се користел за опишување уметници од различен спектар: писатели, сликари, скулптори и многу други кои ги поставија темелите на овој стил. Може слободно да се каже – уметници далеку пред своето време.
Бохо стилот го отсликува тој живот комбинирајќи предмети, бои и дезени од многу области на светот. Бохо стилот се дефинира со недостиг на структура, а наместо тоа, се одликува со безгрижни слоеви на дезен, текстура и боја. Иако постојат некои вообичаени практики за бохо изглед, не постојат цврсти правила, како што постојат со модерните или минималистичките стилови.
Бохо стилот денес е инкорпориран на многу различни работи, од различни делови од светот и на начини на живот. Резултатот е разновиден стил, како и луѓето што го инспирираат. Највпечатлива одлика на овој стил е комбинацијата на текстури, бои и дезени вградени во ентериерите. Во овој стил се користат и материјали што имаат малку излитен изглед. Секој артикал – од абажури до завеси или перници може да има реси, или друг вид рабови.Бохо стилот не е само инкорпорирање на овие елементи – туку е и определба: да не се плашиме да ги мешаме и комбинираме. Боите и дезените не мора да „одат“ заедно, она што го прави уникатен овој стил е како тие се комбинираат и неконвенционалниот начини на нивно користење. Бидејќи бохо стилот е инспириран од уметници и ја нагласува уникатноста, во бохо-просторот обично ќе најдете разни рачно изработени предмети. Тие можат да бидат предмети од текстил, скулптури или слики, и секоја од нив помага да се поттикне индивидуалноста.
Со избор на овој стил за вашите ентериери, вие всушност ќе бидете сигурни дека вашиот дом ќе биде сведоштво за модерните чувствителности и ќе ви овозможува да живеете во опуштена и безгрижна околина. Во бохо стилот е изразена индивидуалноста, така што и нема две простории што се слични една на друга./М.М.