Вести

„Ѓаволот носи Прада 2“ на аукција!

Christie’s организира онлајн аукција со костими, чанти, обувки и накит од филмот, а приходите ќе бидат наменети за поддршка на организациите што ги претставуваат новинарите и модните дизајнери на САД

Модата од „Ѓаволот носи Прада 2“ ќе добие нов живот – овојпат на аукција со хуманитарна цел. Christie’s во Њујорк најави ексклузивна продажба на облека, модни додатоци и накит што се појавуваат во филмот, а средствата ќе бидат донирани на Committee to Protect Journalists (CPJ) и Council of Fashion Designers of America (CFDA).
Онлајн аукцијата, осмислена и поддржана од Мерил Стрип, ќе се одржи од 1 до 15 септември, преку веб-страницата на Christie’s. За љубителите на филмот и модата, дел од избраните предмети ќе може да се видат и на изложба во њујоршката филијала на Christie’s, до 13 септември.
Меѓу најатрактивните парчиња на онлајн аукцијата се фустанот Niki од Gabriela Hearst, кој го носи Ен Хатавеј во улогата на Енди Сакс, како и јакната со реси од Dries Van Noten, носена од Мерил Стрип во улогата на Миранда Пристли. На листата се и легендарните Rockstud чевли од Valentino Garavani, како и модните комбинации од Dolce & Gabbana што се појавуваат во сцената на модната ревија во Милано.

Аукцијата носи и изненадување за љубителите на музиката и поп-културата – меѓу предметите е и пердувестиот фустан дизајниран од Теренс Џоу, кој го носи Лејди Гага во музичкиот спот.
Покрај онлајн продажбата, Christie’s во соработка со CPJ и CFDA ќе организира и коктел-прослава со поканети гости и жива хуманитарна аукција, во рамките на New York Fashion Week. На вечерта ќе бидат понудени дополнителни модни парчиња, но и ексклузивни луксузни модни додатоци инспирирани од филмот. Приходите од овој дел од аукцијата ќе бидат наменети за Committee to Protect Journalists и CFDA/Vogue Fashion Fund, преку CFDA Foundation Inc., која поддржува креативност и развој на новите генерации модни таленти преку менторство, ресурси и деловни грантови.

„Хуманитарната аукција на изгледи и искуства поврзани со „Ѓаволот носи Прада 2“ им овозможува на купувачите да ја споделат возбудата и енергијата на оваа одлична приказна за модната индустрија, истовремено придонесувајќи за важни цели што имаат значајна улога во приказната на филмот – модата и новинарството“, изјави Стивен Колб, извршен директор и претседател на CFDA.
Заинтересираните за наддавањето можат да се пријават преку CFDA на [CFDAEvents@cfda.com](mailto:CFDAEvents@cfda.com).

Фото: Disney, 20th Century Studios

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.