Во делата на авторката се преплетуваат сеќавањата, светлината, меланхолијата и радоста на животот, преточени во препознатлив ликовен израз исполнет со емоција и колорит.
Изложбата „Во потрага по убавото“ на Елизабета Костова, посветена на генерацијата од гимназијата „Јосип Броз – Тито“ од 1971 година, претставува избор на дела создадени како визуелен запис на сеќавањата, емоциите и животните искуства. Поставката го открива препознатливиот ликовен израз на авторката, изграден врз богат колорит и нагласена чувствителност кон светлината и атмосферата.
Според освртот кон нејзиното творештво, опусот на Костова создава тивка и милозвучна катарза, водејќи го посетителот низ предели на интимизмот, каде што се преплетуваат сетилното и вонсетилното, радоста и меланхолијата, минливоста на времето и убавината на секојдневните мигови. Нејзините дела ја истражуваат светлината како симбол на животот, надежта и духовната исполнетост, притоа создавајќи атмосфера во која сеќавањата и емоциите добиваат нова визуелна димензија.
Поставката е отворена во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, каде посетителите ќе можат да ја разгледаат до 3 јуни годинава.
Елизабета Костова е родена во Скопје во 1953 година. Дипломирала клиничка психологија на Филозофскиот факултет во Љубљана во 1977 година. Во текот на својата уметничка кариера реализирала повеќе самостојни изложби, меѓу кои во Домот на АРМ во Скопје, Галеријата на ДЛУМ, Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, Домот на културата „Иван Мазев – Климе“ во Кавадарци и Културниот центар „Јадро“ во Скопје.
Освен самостојни претставувања, Костова учествувала и на бројни групни изложби и е активен член на ДЛУБ, оставајќи препознатлив белег во современото македонско ликовно творештво./M.M.




















