Мода вестиМоден мозаик

Фустан создаден од брод стар три века

Спојувајќи археологија, наука и современ дизајн истражувачите од финскиот Универзитет „Алто“ од остатоци на брод стар три века создадоа иновативен текстил од кој беа изработени два фустана.
Необичниот моден проект започнал откако пред седум години во финскиот град Оулу, биле откриен остатоци од товарен брод кој датира од 1684 година. Остатоците од бродот Хахтипера неможеле да бидат зачувани, па тим научници и дизајнери добил задача да им даде „втор живот“ на неговите делови.
Под водство на советничката на Универзитетот „Алто“, Пирјо Кјарјаинен, експерти од областа на текстилниот дизајн, хемијата и шумарството работеле неколку години на трансформацијата од дрвото на бродот во текстилен материјал. Научничката Инге Шлап-Хакл успеала од дрвените остатоци да создаде пулпа богата со целулоза, која потоа, со помош на технологијата Ioncell, била претворена во влакна и предиво.
Добиениот материјал има свиленкаста текстура и поцврст е од памук. Предивото потоа било искористено од дизајнерката за трикотажа Ана-Мари Леписари за изработка на два индустриски плетени макси-фустани.
Фустаните се создадени без отпад на материјал, а нивната природна кафеава нијанса и суптилниот сјај се задржани како почит кон оригиналниот изглед на дрвото од бродот.
Дополнителен визуелен ефект им даваат апстрактните мотиви создадени со помош на вештачка интелигенција развиена од истражувачот Севери Ууситало.
Фустаните ќе бидат изложени на изложбата „Tomorrow’s Wardrobe“, во Музејот на уметноста во Оулу, претставувајќи необичен пример за тоа како културното наследство, одржливоста и модата можат да се спојат во современо дизајнерско дело./М.М.
Фото: Aalto University.

You may also like

Comments are closed.