Од заштита од фалсификати до глобален симбол , Monogram-от на Louis Vuitton влегува во јубилејна година со колекции засновани врз архивите на модната куќа
Louis Vuitton одбележува 130 години од создавањето на Monogram – еден од најпрепознатливите симболи во историјата на високата мода. По повод јубилејот, брендот најави годишна програма со промоција на специјални колекции, кампањи и излози во продавниците ширум светот, фокусирани на архивските модели и еволуцијата на Monogram-дизајнот.
Monogram-от е создаден во 1896 година од Жорж Витон, син на основачот Луј Витон, како омаж на неговиот татко, но и како практично решение против фалсификувањето, кое уште тогаш претставувало сериозен проблем за парискиот производител на патни ковчези. Дизајнот ги комбинира преплетените иницијали „LV“ со флорални мотиви инспирирани од неоготската орнаментика, а така да биде и официјално регистриран како заштитен индустриски дизајн. На тој начин, Monogram-от од самиот почеток функционирал истовремено како декоративен елемент и како гаранција за автентичност.
Monogram-от денес се смета за еден од најмоќните бренд-кодови во модната индустрија и пример за тоа како повторливиот мотив може да функционира како глобално препознатливо лого.
Louis Vuitton повеќе од една деценија се наоѓа меѓу десетте највредни светски брендови, а Monogram-от останува централна алка во таа позиција.
Јубилејната кампања, која официјално започна на први јануари, се фокусира на пет модели на чанти кои со години се столб на понудата на модната куќа: Speedy и Keepall, претставени во 1930 година, Noé од 1932, Alma од 1992 и Neverfull од 2007 година. Секој од овие модели има јасно дефинирано функционално потекло – од патување и мобилност до секојдневна употреба – а сите и денес се дел од редовното производство.
Одлуката јубилејот да се темели на веќе воспоставени модели се вклопува во поширок тренд во луксузната индустрија, каде што раскажувањето приказни за наследството станува сè поважно.
Покрај класичните модели, Louis Vuitton ќе претстави и неколку капсулни колекции кои нудат нови интерпретации на Monogram-от преку материјали, техники и архивски референци. Така Monogram Origine Collection го оживува оригиналниот дизајн од 1896 година со жакардно платно изработено од мешавина на лен и памук, во нежни пастелни нијанси инспирирани од архивски регистар на клиенти од крајот на 19 век.
Линијата насловена како Time Trunk Collection, користи trompe-l’oeil принтови за визуелно да ги репродуцира дрвените, металните и платнените детали на историските ковчези на куќата. Наместо буквална реконструкција, колекцијата нуди визуелно раскажување на занаетчиското наследство, тренд кој сè почесто се среќава во современиот луксуз.
Со влегувањето во годината на јубилејот, Louis Vuitton јасно става до знаење дека фокусот е на континуитетот, а не на радикална промена.
![]()
Фотографии: Louis Vuitton
















