Тибет доби нова туристичка атракција – проѕирен видиковец над Кањонот Нуџианг, на „патеката на ѓаволот“, на автопатот кон Сичуан
На планинскиот премин познат како Патека на ѓаволот, на автопатот Сичуан–Тибет, деновиве е отворен нов, проѕирен видиковец што лебдее над Кањонот Нуџианг, претворајќи ја опасната планинска делница во нова туристичка атракција. Проектот е дело на кинеското архитектонско студио Archermit, кое по барање на локалната власт разви целосен туристички комплекс наречен Nujiang River 72 Turns Canyon Scenic Area.
Архитектите го замислиле просторот како „адреналински простор за физички предизвици“, комбинирајќи го драматичниот природен пејзаж со модерни структури – меѓу нив и надвисната платформа, пешачки патеки и мостови. „Без разлика дали пешачат, возат велосипед или управуваат со автомобил, многу вљубеници во Тибет го доживуваат ова патување како личен предизвик. Ние сакавме да им овозможиме да ги почувствуваат предизвиците на Нуџианг со сопственото тело“, порачаа од Archermit.
Посетителската тура започнува на северниот раб на кањонот, каде што се наоѓа паркинг и мал центар со кафе-бар, продавница и изложбен простор за историјата на подрачјето. Токму од оваа зграда се протега главната атракција: видиковец чија форма ги следи свиоците на серпентините и се протега над реката пред повторно да се врати кон карпестиот раб. Конструкцијата е изведена со челична рамка обложена со кортиран, а подот е целосно изработен од засилено проѕирно стакло, овозможувајќи поглед 130 метри под нозете.
Од видиковецот се развиваат бројни патеки, оградени со ниски зидови од кортиран, кои водат кон две помали платформи – едната во форма на вселенска капсула, другата инспирирана од лист. На спротивната страна од кањонот, реката може да се премине преку жичарница или новиот бел челичен мост со проѕирна патека.
Понатаму, шарениот дрвен јажен мост наречен Thrilling Steps ги носи посетителите до голем лифт вграден во карпата, кој ги искачува до станицата на другата страна, каде што продолжува уште една линија со жичарница.
Кортираниот челик е избран како доминантен материјал поради неговата отпорност на суровите климатски услови и поради визуелната блискост со околниот планински терен, но и како суптилен омаж на значењето на црвената боја во тибетската култура. Во непосредна близина засадени се речиси 500 акри овоштарници со цел да се поддржи локалниот туристички развој.
Фотографии: Arch-Exist.

You may also like

Comments are closed.