Од денес до шести октомври во Музејот на современата уметност – Скопје ќе се одржува четиридневен Фестивал на перформансот. Како што информираат од Музејот на современата уметност – Скопје, фестивалот го сочинуваат две програми, а влезот е слободен.
Општата идеја на фестивалот е да се измислат различни начини на делување, што ќе се занимаваат со пренесување на уметничкото наследство во проширениот контекст на историјата на модерноста и засилување на рецепцијата на идеите и гестовите во релација со постојано еволуирачките чинови и форми, што се во потрага по еманципација, се вели во соопштението.
Главната програма е тридневен настан насловен „(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија“ куриран од Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров и се состои од проекции, предавања и перформанси. Додатна е програмата на партнерите, што произлегува од резиденциите, педагошките и истражувачките активности, во партнерство со фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија) и нејзината резиденцијална програма Вила 31 во Тирана, како и соработката со алумни од Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC) и уметници соработници на Иницијативата за усна историја во Приштина (OHI).
Претставата на NAM Choreolab е претставена во соработка со ППФестивал на Локомотива и проектот Движење на неврзаните, поддржан од Креативна Европа/ Програма за европска соработка со Западен Балкан и Министерство за култура на Република Македонија.
Фестивалот е второто поглавје од европската програма Култура.ЕУБалкан (2022-2024), чија цел е да се поттикне размена на уметници, истражувачи и културни чинители, меѓу Западниот Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и истражувања./М.М.

 

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.