“Алкалоид“ го официјализира отворањето на компанискиот музеј, како автентичен времеплов низ својата историја и годините исполнети со труд, знаење и квалитет.
Музејот на „Алкалоид“ АД Скопје вклучува сведоштва за деветдеценискиот раст и развој, низ внимателно колекционирани сегменти од богатата компаниска историја. Меѓу експонатите е првиот филм за „Алкалоид“, од 1950 година, потоа најстарото кутивче и одобрението за производство на лекот „Кафетин“ ,од 1957 година.
Претставени се првите пакувања на „Бекутан“, од 1978 година, историјата на Билка, со брендот Good Nature, од 1966 година, најстарите индустриски машини, како и ретроспектива на компанискиот логотип и примероци од првите изданија на фабричките весници на „Алкалоид“ од 1971 година. Колекцијата содржи и експонати од поновите производи и брендови на „Алкалоид“, како „БлокМакс“, од 2012 година, екстензиите на „Прокулин“, од 2017 година, „Бекутан Кидс Витс“, од 2019, портфолиото на „Мулти Есенс“ од 2020, како и водечкото портфолио на цефалоспорини во компанијата.
Овој простор содржи бројни драги спомени и значајни моменти од работниот век на генерации алкалоидовци, кои сведочат за етапниот развој на една успешна македонска приказна, која денес нови генерации ја раскажуваат надвор од македонските граници, со пласмани во над 50 земји во светот, истакна Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“, На едно место собравме поставки од првите два погона, во кои 15 работници произведуваа 350 кг фармацевтски суровини, до денес, кога имаме над 80.000 м2 производствени капацитети, илјадници исполнителни вработени и милиони задоволни корисници, нагласи Мукаетов.
Во контекст на успешниот развој, клучни одлики се континуираните инвестиции, квалитетот на производите и на стручниот кадар кој управува со процесите, додека сновна константа за компанијата претставува вложувањето во заедницата во која дејствува./М.М.