Познатиот виолински виртуоз Стефан Миленковиќ вечерва ќе настапи со македонскиот камерен оркестар Профундис, на еден од најочекуваните музички настани за сезоната.
Концертот, кој ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија, е веќе целосно распродаден, а љубителите на музиката со нетрпение ја очекуваат оваа извонредна соработка. Миленковиќ, познат по својата извонредна техника и емоционална длабочина, ќе музицира заедно со Профундис под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Заедно ќе изведат возбудлива, сложена и технички предизвикувачка програма која вклучува ремек-дела од композитори како Паганини, Сарасате и Чајковски.


За програмата, маестра Дашиќ истакна дека ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика кои се предизвик дури и за најдобрите музичари, но заедно со виртуозот Стефан Миленковиќ и врвните музичари од камерниот оркестар „Профундис“, публиката ќе има единствена можност да ужива во перфектна изведба на овие ремек-дела.
„Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер,во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век“, рече денеска на официјалната прес-конференција српскиот виолинист. Говорејќи за настанот, Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од Профундис, истакнувајќи ја извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот.
„Настапувањето со Профундис ќе биде на мое големо задоволство. Нивната посветеност на совршенството и нивното суптилно разбирање на репертоарот ќе го направат овој настан вистинска прослава на музиката,“ изјави тој./М.М.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.