Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер, 23 април, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија е концертниот настап на Дуња Иванова, насловен како „Мирисот на липите“, со нарација на Тина Иванова.
Се работи за музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на скопската општина Центар. Приказните се за липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар.
Во 21 часот, на истата сцена, ќе започне и долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт е посветен на Кире Костов – еден од стожерите на современата џез композиција, преку интерпретација на негови избрани дела, во современ аранжман на Биг Бендот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски.
Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на Општина Центар. Онлајн продажба на билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари. Билетите се достапни на следниве линкови:
https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzblok24 (за блок карта)
https://bileti.mk/e/krajvardarotjazz24 (за 23 април) https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzfest24 (за 27 април)