Во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) синоќа се одржа гала моден настан, „Осветлено“,(Into the light), на кој беа изложени модни дизајни на светски познатата холандска хај – тек модна дизајнерка, Anouk Wipprecht .

Настанот беше организиран од Амбасадата на Кралството на Холандија, а реализиран во соработка со студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека, при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, под менторство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева.

Модниот настан преставува заокружување на поголем проект што се одвиваше во неколку фази. На почетокот, Anouk Wipprecht одржа неколку мастер-класови со студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека. Студентите на нив добија конкретни насоки како во модниот дизајн да ја користат современата технологија. Потоа, холандската дизајнерка заедно со професорката Георгиева одржаа неколку работилници на кои студентите создадоа оригинални модни дизајни, кои беа претставени на модниот настан.


На настанот присуствуваа дипломати, политичари, луѓе од јавниот живот во Скопје и преставници на медиумите, имаа ретка можност да видат и дел од високо-технолошките модни дизајни на Anouk Wipprecht.
Настанот го отвори Амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп: „Холандија е еден од светските лидери кога станува збор за иновации и висока технологија. Дизајните на Anouk Wipprecht презентирани во првиот дел на вечерта ни покажаа што може да направи холандската високотехнолошка мода. Вториот дел и делата на студентите ни покажаа што можеме да направиме заедно. Северна Македонија е наш партнер и се надеваме дека наскоро ќе имаме уште поблиска соработка на сите полиња, вклучувајќи ја и модната индустрија, во рамките на отворениот европски пазар”, истакна Јан Коп.
„Голема благодарност до Амбасадата на Кралството на Холандија за укажаната доверба и иницијативата за соработка. Имавме ретка можност да уживаме во креативниот процес и во соработката со Анук”, вели професорката Георгиева, која неодамна, заедно со „Завар дизајн” настапи на Модната недела во Белград, а на синоќешниот настан беа претставени и овие дизајни.
По промоцијата на модните дизајни, Anouk Wipprecht им се заблагодари за соработката на студентите и на нивната менторка Лидија Георгиева. Инаку, Anouk Wipprecht е иновативна дизајнерка, приврзаник на модната технологија (FashionTech) која создава модни парчиња кои се комбинација на инженерство, наука и дизајн. Нејзините дизајни се стремат кон вештачка интелигенција, како своевидни системи „домаќини”, и делуваат како да дишат заедно со човечкото тело, реагирајќи на непосредната околина. Сензорите вградени во дизајнот го следат просторот околу оној што го носи, а сензорите за телото го детектираат нивото на стрес како и на удобност или вознемиреност. Нејзиниот најпознат „Spider Dress” базиран на модулот Intel-Edison е совршен пример за оваа естетика, каде што сензорите и подвижните раце на фустанот помагаат да се создаде дефинирана граница на личниот простор.
Таа активно соработува со Интел, АутоДеск, Гугл, Мајкрософт, Самсунг, Адидас, Дизни, Сваровски, Ауди, со најпознатиот циркус „Сирк де Солеј” и со компаниите за 3Д печатење, додека истражува како би изгледала нашата иднина, доколку продолжи вградувањето на технологијата во она што го носиме.
Дизајните изработени од студентите, ќе бидат изложени во просториите на Млади хаб, од понеделник, 12 декември.
Фото: Томислав Георгиев и Горан Бошковски

 

 

 

You may also like

Comments are closed.