Промовиран првиот документарен филм за кариерата и животот на Mary Quant, реномираната дизајнерка која го создаде мини здолништето.
Актерката, продуцент и поранешен моден дизајнер Sadie Frost со филмот „Quant“ го направи своето деби како режисер со кој го следи подемот на Quant од талентирана девојка од селата на Велс во смел авангарден дизајнер. „Сакав да го одржам нејзиното наследство живо, бидејќи таа е толку неверојатна жена. Таа направи многу за жените и толку многу за модата“, изјави Frost за Reuters на премиерата во лондонски Челзи, во близина на местото каде што Quant го отвори својот прв дуќан, Bazaar, во 1955 година.
Со улогата на Quant во револуционизирање на женската облека, како и на жената воопшто, документарецот ги враќа гледачите во шеесетите години и возбудата од Британската инвазија, културното движење во средината на 1960-тите години на минатиот век.
Филмот користи архивски снимки, акценти и интервјуа со манекенката Kate Moss, потоа со уредникот на British Vogue, Edward Enninful, како и на дизајнерот Jasper Conran, кој работеше со Quant.
Quant , која има 91 година и ретко се гледа во јавноста, не учествуваше во создавањето на филмот и тој е снимен со дозвола на нејзиниот син Orlando Plunket Greene, кој е прикажан и како дава увид во животот на неговото семејство и односот на Quant со нејзиниот сопруг и деловен партнер, Alexander Plunket Greene./М.М.