По повод одбележувањето на 30 години континуирана работа и постоење, Модното студио Клик претстави специјална модна ревија во Белград, во која му оддаде почит на неодамна починатиот легендарен моден дизајнер Александар Јоксимовиќ.
Со своите вонвременски колекции Александар Јоксимовиќ останува запаметен како единствен дизајнер на висока мода кој успеал едновремено да постави важни модни постулати во развојот на југословенската модна сцена. Тој е единствениот моден дизајнер во Социјалистичка Југославија, кој со своите ревии учествувал на врвните модни настани во Париз, Рим, и Милано, постигнувајќи оргомен успех со своите оригинални креации инспирирани од историјата и фолклорот на народите и народностите на Југославија. Поради големиот интерес за неговите креации во Москва е организирана модна ревија со 20.000 посетители.
Токму „Југословенскиот Диор“, како што го нарекуваа Јоксимовиќ, поради заедничката ревија со Диор и отворената покана да помине да креира во познатата модна куќа, одигра важна улога во промовирањето на официјалната модна продукција на социјалистичка Југославија.
Освен модните колекции, меѓу кои се и: Симонида, Проклета Јерина, Витраж и Пејзаж, Јоксимовиќ ги креирал и фустаните за Јованка Броз , особено оние за важните меѓународни состаноци на кои таа, според нејзина желба, гордо ја претставувала југословенската мода.
Моделите на легендарниот креатор на ревијата посветена на неговата работа ги носеа манекени од сите генерации, од времето кога Александар Јоксимовиќ создавал па се до денес.
Прегледот е реализиран во соработка со Музејот за применета уметност и претставува вовед во изложбата на делата на Александар Јоксимовиќ, што е планирана за до крајот на годинава. /M.M.