СТОП за човечка храна, ние животните не треба да ја јадеме и СТОП за пиротехниката, ние животните се плашиме, се двете пораки со кои Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје апелира до граѓаните за време на празниците.
– Пиротехниката поточно употребата на петарди и огномети предизвикува страв кај животните. Сетилото за слух кај кучињата и мачките е многу почувствително, тие имаат помал праг за чувство на страв, така што звукот на петардите како за домашните миленици, така и за останатите видови животни може да биде фатален. Звукот предизвикува голема вознемиреност, дури и кога ќе престане. Животните продолжуваат да се плашат и да се кријат, и токму заради тоа апелираме до граѓаните да се воздржат од употреба на разни пиротехнички средства за време на престојните празници, бидејќи и тие заслужуваат мир и благосостојба, истакнуваат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.
Воедно, порачуваат на граѓаните кои се сопственици да не ги оставаат нивните миленици сами во периодот околу новогодишните празници, шетањето да биде исклучиво со поводник, додека мачките да не се пуштаат надвор од домот, со цел да се заштитат и да не трпат негативни последици.
– Во однос на храната, честа е посетата на Универзитетската ветеринарна болница како резултат на последици кои се јавуваат кај домашните миленици како резултата на несоодветна исхрана. Празниците се повод за богата трпеза и остатоците од храната да се сподели со милениците, така што тоа не треба да се практикува. Храната која ја јадеме ние, не треба да ја јадат животните, не затоа што нема доволно нутриенти за нив, туку имаат негативни последици по нивното здравје. Особено штетни се шеќерот, зачините и маслото, кои предизвикуваат потешкотии во однос на варењето на храната, невеселост, болка, а со тоа има промени во општата здравствена состојба на животните. Секој сопственик мора да внимава со исхраната на миленикот и да се грижи за нивното здравје, додаваат од Факултетот.
Периодот на новогодишни празници треба да вроди веселост кај сите, особено кај животните, а на нас останува одговорноста да им обезбедиме достоинствен живот.
За содржината на оригиналните текстови и соопштенијата одговорни се нарачателите.