Теди Грубица, талентиран пејач од Пореч, Хрватска, веќе започна да ги реализира своите планови – новата година му носи нова, голема фестивалска возбуда бидејќи се очекува да настапи и на 68. фестивал во Загреб, каде што ќе ја претстави песната „Не верувам дека постоиш„, за која самиот го напиша текстот. Иако минатата година беше исклучително тешка за пејачите, Теди ќе ја памети по освоената првата награда на фестивалот „ Melodije Istre i Kvarnera “. Разговаравме и за трите успешни синглови, наградите за најдобар дебитант, гостувањето на Охрид Фест – Охридски трубадури и соработката со Григор Копров.
ММ: Денес е објавено дека годинава ќе настапувате на Загребскиот фестивал. Тоа ќе биде ваш прв настап на овој фестивал – како се подготвувате и чуствувате, особено и затоа што е ваш текстот за песната со која ќе настапите?
За прв пат ќе настапувам на Загребскиот фестивал, што многу ми значи и ме прави исклучително среќен, затоа што песната беше препознаена од жирито и што имам можност да ја споделам со светот во ова време кога на нас пејачите навистина ни е одземена можноста да ги изнесеме нашите песни, емоции и сето она за што живееме. Победата на фестивалот „ Melodije Istre i Kvarnera “, секако ме инспирираше да продолжам да создавам музика со истите автори и да продолжам да го градам заедно она во што се наоѓам. На тој начин сакам да ја градам својата публика која ме разбира и ме поддржува. Текстот за песната го напишав сам, музиката е на Горан Шарац, а Александар Валенчиќ сето го спакува сето со неговиот аранжман. Сакавме да постигнеме филмска атмосфера и искрено се надевам дека публиката ќе и го отвори срцето и ќе ја пушти песната да влезе, што е всушност мојата скромна желба што се однесува до самиот фестивал. Во таа намера, продукцијата МедВид многу ми помогна со видео во кое е прикажана состојба на сон, состојба во која се колнеме во среќа и љубов, трчаме по соништата. Секој, во некој дел од животот, се наоѓа во ситуација кога некого искрено го сака и кога на таа личност е подготвен се да и подари, па така и јас своите емоции и чуства ги пренесов на хартија.
ММ: За вас се вели дека во кариерата и судбината ви помага – од каде тоа?
Мислам дека делумно е виновна и судбината што сето тоа со песните мене ми се случи, па така и сосема случајно дојде до соработка помеѓу големите македонски автори, кои малку време по моите обработки на песните на социјалните мрежи ми понудија музичка соработка.
ММ: Кариерата ја започнавте со обработка на песната на Тоше Проески по која уследи соработката со Григор Копров и двата сингла кои привлекоа внимание: „Сувенир„ и „Још си у крви„. Како ја оценувате таа соработка?
Да, соработката со Григор Копров навистина беше плодотворна, а двата сингла што ги спомнавте се потврда на тоа. Јас сум исклучително горд на оваа соработка затоа што Григор Копров е воглавно одговорен и за успехот на Тоше Проески, а знам и што тој самиот значеше за Македонија. Ние сега градиме нешто ново и нешто во што јас како пејач се гледам.
ММ: Кажете ни нешто повеќе за соработката, за учеството на Охрид Фест – Охридски трубадури, за впечатоците…
Со песната „Сувенир„ настапив на „Охрид Фест“ и ја однесов наградата за најдобра интерпретација. Неколку пати доаѓав во Македонија и ми е огромна чест што можам да соработувам со големи продуценти како Григор. Дефинитивно ја продолжуваме соработката и имаме план да објавиме уште многу синглови во иднина.
ММ: Дали ќе се видиме повторно во Охрид?
Поради невозможноста да одам во Македонија за време на пандемијата, не бев во можност да присуствувам на фестивалот минатата година, но се надевам дека во блиската иднина ќе се вратат сите тие првични услови и дека ќе продолжиме да живееме како што сме навикнале.
ММ: Посетителите и читателите на МодаМода ќе ги интересира како го поминувате времето на пандемијата, дали ве смени, дали го сменивте, како повеќето, стилот на облекувањето и добар дел од животните навики?
Што се однесува до самата пандемија, можам да кажам дека навистина поминав повеќе време со семејството и најблиските, затоа што досега ова темпо на живот навистина не застанува и многу пати се наоѓам во ситуација да не ги гледам моите најблиски и по неколку месеци. Ние го искористивме тоа време да снимаме нови песни, како и за да го развиеме нашиот план за музичка соработка. Се на се, мислам дека ова време повторно сите нè доближи затоа што делумно ги занемаривме нашите основни човечки вредности со овој бурен начин на живот. Не гледам ништо лошо во тоа што бањарката стана наш најдобар пријател и многу честа облека. Кога станува збор за шопинг или други обврски, сакам да им се вратам на моите кошули, кога веќе немаме можност некаде да излеземе. Кошулите се составен дел од мојот живот и навистина се изненадувам кога ќе почнам да ги бројам, последниот пат избројав над 40. од нив. 🙂 /Ј.П.