Марков

По студиите по архитектура и магистрирањето, Марков две години своето технички знаење го надополнува во интернационалниот институт “Изет Цури”, каде што ги реализира своите први две колекции, со ревии, за потоа своето образование да го продолжив во Милано, на престижната модна академија “Istituto Marangoni”. Изминативе неполни три години, ја создава третата колекција презентирана со ревија во “Даут Пашин Аман„. – Модата како визуелно изразување на нешто што тлее на подлабоко ниво и – начинот на комуницирање на нашата индивидуалност со светот, за мене отсекогаш биле фасцинантни, вели дизајнерот. – Кога се работи со умисла, посветеност, автентичност, креативност и се нуди квалитет, Марков смета дека е неизбежно сето да привлече интерес, без оглед на околностите.

Марков

ММ: Сето што се случуваше со пандемијата услови многу од бизнисите, меѓу кои и модниот, да поминуваат период на сериозни преиспитувања и барања. Како сето влијаеше и врз вашето работење?

Новонастанатото секојдневие и амбиент што го донесе пандемијата, предизвикана од Covid-19, мислам дека нема да згрешам доколку изјавам дека сите не фати неподготвени и навистина донесе неочекувани и драстични промени во општото функционирање.

Што се однесува на моето креативно творење, практично создавање и работа со клиенти, можам да кажам дека разбирливо беше што сето се најде во мирување во првото тромесечије, по избивањето на епидемијата. Тој период го искористив да застанам, убаво да се одморам и да согледам со каква динамика всушност сме биле навикнати да живееме, а притоа најчесто и да не бидеме комплетно ментално присутни во дадениот момент. Зборувајќи за начинот на работа неможам да кажам дека ми се промени – имено јас одсекогаш сум изработувал парчиња по мерка, исклучиво од сопствените колекции, односно само со свој дизајнерски потпис. Она што можам да кажам е дека го согледав како нов момент зголемениот интерес во однос на моите дизајни и тоа од страна на нови клиенти, кои имаа желба да се наградат со мое парче, кое некое време им било на wish-листа и да одлучат да направат инвестиција.

Марков

ММ: Дали во овие новонастанати услови може да опстои професијата дизајнер во Македонија и колку луѓето се решаваат да купуваат дизајнерски парчиња?

Искрено, чувствувам и сметам дека кога се работи со умисла, посветеност, автентичност, креативност и се нуди квалитет, неизбежно е да се привлече интерес без оглед на непогодноста на било која ситуација. Така што, од сопствено искуство, би рекол дека човековата потреба за нешто кое е естетски издржано, ќе го најде својот пат до правиот корисник без разлика на околностите. Појасно кажано би дал потврден одговор на вашето прашање – професијата дизајнер може да опстои во Македонија.

Марков

ММ: Кога сме кај дизајнот – можеме ли да се навратиме на вашите почетоци, на поривот за создавање, премрeжјата, она што ве одржало низ годините?

Мојот интерес, љубов кон естетиката, посебно кон модата, што е веќе прераснат во силна пасија, граничејќи се со опсесија, е навистина присутен од најрана возраст. Модата како визуелно изразување на нешто што тлее на подлабоко ниво и – начинот на комуницирање на нашата индивидуалност со светот, за мене отсекогаш биле фасцинантни.

Религиозно, будно ја следам глобалната модна сцена повеќе од две децении. Што се однесува до моето образование, првенствено студирав пет години архитектура, период кој е можеби најзаслужен за дополнителното изострување и оформување на моето чувство за пропорција, сооднос, корелација, форма и пластичност. Дополнително паралелно со моите студии, рекреативно се занимавав и со мејкап, создавав креативни мејкап изгледи, инспирирани од последните светски модни тенденции. Редовно изработував мејкап едиторијали за страниците на “Unique” магазинот. Речиси веднаш одкако ги завршив магистерските студии, се отвори интернационачниот институт “Изет Цури” каде под менторство на мојот професор и огромен професионалец г-дин Цури технички се обучував две години, за овој временски период ги реализирав своите први две колекции проследени со ревии одржани во Музеј на град Скопје и Музеј на современа уметност. Потоа своето образование го продолжив во Милано, на престижната модна академија “Istituto Marangoni” со долга традиција, која постојано е рангирана во првите 10 модни образовни институции во светски рамки. Изминативе неполни три години, ја изработив и мојата трета колекција презентирана со ревија во националната галерија “Даут Пашин Амам”и поинтензивно работам со клиенти.

Марков

ММ: Како би се опишале себе си – вашиот стил, водечката инспирација за создавањето, највпечатливиот момент, лично чуство на успех?

Мојот стил би го дефинирал како префинет, елегантен, маркантен со авангардни, понекогаш ексцентрични ноти. Облеката која ја креирам сакам да го издржи подолготрајно тестот на времето, не сум голем љубител на следење на трендови, се разбира дека запазувам тенденции меѓутоа навистина се трудам да останам доследен и оригинален. Исклучетелно ми се важни добрите пропорции, обожувам структурирани парчиња кои имаат изразена склптурална форма. Моја инспирација се гламурот на 70тите, Холивудската златна ера, формалната облека, класиката, беспрекорните машки одела, ноншалантната луксузна boudoir облека во свилен сатен… во микс со моменти од секојдневието потикнато од она кое го гледам, читам, слушам. Водечката инспирација за создавањето би рекол дека е вродениот порив за канализирање креативна енергија преку креирањето. Тоа е едноставно инстинктивна потреба на креативниот поединец. Највпечатливите моменти се разбира дека се моите три ревии кои претставувале крунисување, заокружување на одредени сегменти од моето творење. Токму нив всушност и ги сметам за моите најголеми успеси.

ММ: Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот – има ли разлики во пазарот?

Модната сцена во Македонија според моја субјективна гледна точка е сеуште во подем и процес на оформување. Споредбено во однос на регионот би рекол дека пазарот е значително помал и финансиски ограничен. Модата сепак не е неопходност туку луксуз. Иако не сум имал можност да работам вон рамките на нашата земја сеуште, па ни регионално, мој впечаток е дека клучна разлика е техничката, производствена поткрепеност која мислам дека ја имаат дизајнерите од соседните земји. За жал на наша територија се дефицитарни професионалните соодветно школувани и обучени моделари, кројачи и шнајдери, па ние независните дизајнери сме во улога на “one man show”.

Марков

ММ: Дизајнер во Македонија и дизајнер во големиот свет – може ли да се направи паралела?

Мислам дека било какви споредби се неблагодарни, секоја улога носи свои предизвици и предности.

Марков

ММ: Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив. Кои се вашите за годинава?

Силно верувам дека соништата, нашите желби и надежи се она што дава смисла на секое едно ново утре. Следствено верувам дека треба максимално да се трудиме да работиме на нив, постојано да ги имаме на ум и да се обидеме да го задржиме фокусот, да не се разочаруваме лесно. Мојот сон и понатаму останува ист, а тоа е да бидам привилегиран да го работам она кое му дава смисла на мојот свет, а тоа е дизајнирањето облека./M.M.

Марков

You may also like

Comments are closed.