Македонската премиера на играниот филм Кино Љубов ќе биде одржана утре, петок, 13 октомври, во Штип, во Киноверзум, со почеток во 21.00 Часот.


По проекциите во повеќе држави и учеството на бројни фестивали Кино Љубов утре ќе ја доживее својата македонска премиера.
Ова уметничко остварување, е продуцирано од Јани Бојаџи и Дејан Милошевски, со сценарио и режија на Јани Бојаџи.
Кино Љубов е вивисекција на нашиот живот денеска, како уметници, но и на нас како луѓе, чии семејства, под притисок на лудилото наоколу, се на работ на распаѓање. Овој филм е нашиот одговор на прашањето како да се сочуваме самите себе си и нашите семејства. Љубовта е состојката за спас која ние во овој филм, кој во суштина е насилен, во краен случај ја нудиме и во неа веруваме до крај, објаснува режисерот и сценарист Јани Бојаџи.


Филмот е првата македонска „инди“ – независна продукција и снимен е без финансиска подршка од Агенцијата за филм и Министерството за култура на Македонија. Сниман е за време на Корона епидемијата во Скопје, под специјални здравствени услови.


Овој проект за време на подготовките и снимањето, минуваше низ процес досега непознат за македонската кинематографија, во однос на снимање и работа со актери. Приказната е раскажана во десет кадри со што, по својата форма Кино Љубов е прв македонски филм направен во стилот познат како „уан тејк„, изјави продуцентот Дејан Милошевски.
Филмот е во продукција на Синемон Медиа Фактори и Револутион. Во главните улоги настапуваат Дејан Лилиќ, Јелена Жуѓиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Благоја Чоревски како специјална ѕвезда гостин. Автор на музиката е најголемиот македонски филмски композирот Горан Трајковски, дизајнер на звук е Игор Василев – Новоградска, продукциски дизајнер е Лазе Трипков, оператор на камера Марко Најдановски, а директор на фотографија Иван Зоровски.


Кино Љубов е проект направен од љубов. Сите кои се трудеа да го склопат се вљубеници во својата работа. Тоа се на крајот и се гледа, публиката ќе го почуствува. Љубителите на филмот ќе ја препознаат енергијата вткаена во него, вели актерот Дејан Лилиќ.
За македонска примиера на филмот е одбран Штип, како е културен и универзитетски ценатар во регионот а, дополнително е и град кој после долго време го добива своето редовно кино, иницијатива на дистрибутерот„Киноверзум“. Идејата на продуцентите е Кино Љубов да биде и можност за промоција на македонските кина и враќање на љубовта кон киното, што е основа на приказна на филмот.
Скопската премиера е закажана за 26 Октомври во киното Синеплекс, а во меѓувреме филмот ќе го види и пубиката во Неготина, Велес, Свети Николе, Прилеп и други градови низ цела Македонија.
Светската премиера на „Кино Љубов“ беше во Декември 2022-та година на Фестивалот на авторскиот филм во Белград. Досега помина 13 фестивали на три континенти, а до крајот на годината го очекуваат и фестивали во Загреб, Рим и Измир, со што ќе се вброи меѓу македонските долгометражни филмови кои оствариле најголем број фестивалски учества надвор од Македонија./M.M.

 

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.