ММ. Што во моментов најмногу те возбудува во животот?
– Буквално се во животот! Од најмала ситница- како крем бананче, до ептен големи работи. Ама бидејќи ја живеам т.е. работам работата што најмногу ја сакам – музиката, можам слободно да кажам дека најмногу ме возбудува процесот на создавање на секое ново дело! Без разлика каква е ситуацијата или за што се работи. Самиот момент на вклопување на сите тие идеи и парчиња што се раѓаат во процесот, секое зборче, секое акордче, кога се се вклопува како слагалица…. Понекогаш се случува од возбуда буквално да не спијам по неколку дена!
Иначе во суштина сум човек што постојано бара да ја види добрата страна на работите. Оптимист сум, да не речам, сонувач. И бидејќи сам си го возам својот пат и си ги остварувам своите желби, си дозволувам себеси да сонувам за многу, навидум, недостижни работи и секое следно скалило од процесот кон моите безобразно високи мечти прави да ми проциркулира крвта!
ММ. Кога чувствувате дека сте креативни – наутро или навечер?
– Најчесто навечер! Иако, правило не постои! Зависи од многу работи или што би рекле народски: „Тоа не прашува!“. И да ми дошла инспирацијата навечер, секогаш го одработувам и утрото, така што технички тие две барем кај мене се поврзани, ама главната инспирација обично се случува во часовите после полноќ!
ММ. Што слушате кога слушате музика?
– Буквално се! Немам предрасуди кон ниеден стил на музика! Најмногу зависи од моето расположение или од друштвото, ако не сум сам. На пример, кога вежбам обично слушам некој добар олд скул хип хоп, кога сакам да се релаксирам си пуштам нео соул, соул, џез хоп и слично. Кога сум нерасположен пуштам се – од рап до њу метал, а кога ми се игра буквално се што е со добар ритам!
ММ. Кој е вашиот талент за кој луѓето можат да се изненадат кога ќе знаат дека го имате?
– Хмм… Па во суштина, мислам дека нема нешто што тие што ме следат не го знаат за мене, бидејќи сум прилично отворена личност. А тие што не ме знаат, можат да се изненадат од повеќе работи. Ама најверојатно најмногу ќе ги изненади фактот дека немам пороци т.е. не пијам, не пушам, не се дрогирам, не се коцкам, па дури не пијам ни кафе! Не оти нешто многу внимавам или со сила се трудам, туку уште од дете сум ги сфатил сите тие работи и сум видел како влијаат на луѓето и едноставно не ме влечат, т.е. доволно сум бил зрел за да знам подобро.
ММ. Каде се чувствувате како да сте во вашето лично најдобро издание?
– Во живо, на сцена! Во суштина во било кој дел од музиката се чуствувам како дома, ама моментот на неизвесноста на сцената, начинот на кој настапувам и на кој сакам да ја владеам, мислам дека е далеку подобро од било што снимено. Тие моменти, енергијата што ја давам и добивам, најмногу ме исполнуваат!
ММ. Кој е најтешкиот предизвик што некогаш сте морале да го надминете?
– Да се победам себеси! Поголемиот дел го пребродив, ама имам уште доста за работа! И реално, самоспознавањето е најтешкиот предизвик во сечиј живот!
ММ. Со што сте опседнати во моментов?
– Правење пародии! Цел живот, кога ќе ми заглави некоја песна во глава и не можам да ја извадам, за да не е истото па истото, измислувам нов текст за повторно да ми стане интересна, И пред некое време, на шала си викам, ај ќе го постирам тоа шо ми текна на моментот, чисто да видам дали некому воопшто ќе му се допадне. Испадна дека на многи им се допаѓа, па така моментално пародиите ми се погледани од мојата музика. И полека, тоа што го сакам и со ќеф си го правам низ дома на шала на смеа, ми стана уште едно скалило плус и моментално омилена работа.
ММ. Имате ли нов проект – што може да се очекува со него – доследност или нова страница?
– На крајот на минатата година конечно сфатив нешто што долго време го знам, а тоа е дека светот неизбежно се менува, новите времиња носат нови предизвици и напред одат само тие што се во тек со времето! Па така и јас, ги искрцкав прстите и станав доста поактивен. Покрај пародиите, почнав да снимам и влогови на кои зборувам за што и да ми текне на моментот, снимам повеќе кавер верзии од популарни песни, а во меѓувреме спремам и уште неколку мои нови песни, кои се надевам пролетва и летово ќе не освежат.
ММ. Соработувавте со многу значајни личности – кој остана на списокот со желби?
– Уште цел свет! 😀 Реално, како што кажав, моите соништа немаат граници, така што списокот е долг би сакал и да можам, со сите светски и регионални музичари би направил соработка! Бидејќи за разлика од многу други, јас ова пред се го правам за да раширам малку позитивна енергија! Музиката е за споделување! Така, што повеќе шириме познанства и соработуваме и шириме позитивна енергија, тоа подобро!
ММ. Што е нешто што сепак би сакале да го научите?
– Многу работи! Како што реков, моите желби немаат крај! Така што се што можам да научам во времето што го имам, ќе го научам!
ММ. Кој е вашиот омилен аспект на вашата работа?
– Сам свој газда! Нема поубаво! Едиствен притисок е тоа да постигнеш некое ниво кај што ќе можеш комотно да си работиш и заработуваш од тоа што го сакаш! После тоа, сакаш работиш, сакаш одмараш, сакаш правиш ваков стил, сакаш правиш таков, буквално нема граници! 😀
ММ. Што е најтешко во врска со вашата работа?
– Немаш работно време! И како и во останатите професии од јавен карактер, не те гледаат како човек туку како предмет! Битно им е само да те искористат, дали е тоа поврзано со работа, приватно или финансиски не е битно! Битно те дружат дури имаат корист, да исцедат до максимум се шо можат и после не постоиш. И ако не си свесен за тоа, ако имаш слаб карактер и очекуваш виножито и пеперутки, ќе изгориш! Среќа животот ме научил на подобро уште од дете, па кога влегов во оваа професија веќе се ми беше јасно. Иако, на сите ни се случува да дадеме шанса на погрешни личности. Живееш и учиш! 😀
ММ. Кој е најчесто користениот збор во модата во моментов?
– Реално, појма немам. Ваљда е нешто како на пример: Statement или Став! Бидејќи сите секогаш сакаат да изразат некаков став! Дали ќе биде тоа моќ, богатство, промискуитетност, пркос или што и да е, модата воопшто ја доживувам како некаков израз!
ММ. Кое е модно правило со кое целосно не се согласувате?
– Не сум многу во тек со правилата и прописите, бидејќи во суштина сум едноставен човек и сакам тоа што го носам да биде по мој вкус и мене да ми изгледа ок во моментот. Така што не се замарам со правила и сметам дека правила во уметност не смее да има! Само морам да кажам едно нешто зад кое стојам целосно: Ако нешто е моментално во мода, не значи дека ти мора да го носиш! Не одговара се на секого! Колку и да е шик, колку и да мислиш дека си преубав/а, не си! И тоа е во ред! Не значи дека не си убав/а туку едноставно за секое лонче има капаче! Најди си го капачето шо ти одговара!
ММ. Кое парче секој маж треба да го има во својата гардероба?
– Одличен парфем! И ништо да не носиш, доволно е! 😀
ММ. Без кои три работи не излегуваш од дома?
– Телефон, новчаник и клуч!
ММ. Кога си во кујна, што подготвуваш најчесто?
– Скара!
ММ. Како би го опишале вашиот личен стил?
– Ноншалант! 😀 Реално воопшто не се замарам! Имам најразлични парчиња на облека, од тренерка до скап костум, ама најчесто не се замарам, па знам и на костумот да опнам патичиња и хип хоп капче на страна 😀
ММ. Кој парфем го користиш во моментов?
– Carolina Herrera CH men … Еден и единствен!
ММ. Кој е трендот што посакувате никогаш, никогаш да не се врати?
– Машка фризура со израстоци позади или битолски кажано „Со пржки“… И евентуално траперки! :D/М.М.