Ателје Совршен свет

Миле Брцески, дипломиран скулптор – вајар и неговата сопруга Весна, која инаку е забен техничар, веќе 15 години моделираат полимерна глина. Разговаравме со Весна Брцеска за почетоците, за патот што заедно го поминале, за она што го создаваат и идните цели и планови – за креативен центар за талентирани деца и изложбено продажна галерија.

Весна и Миле Брцески

ММ: Како би се опишале себе си – своите почетоци, поривот за создавање, премрeжјата, она што ве одржало и насочило кон успехот?

Јас и Миле сме брачен пар кој веќе 15 години работи глина. Нашите различни, а толку многу слични професии ни отворија многу можности за успешно моделирање со полимерната глина. Јас сум забен техничар, а тој дипломиран скулптор- вајар. Кога решивме да го напуштиме нашиот мал матичен град и да живееме во Скопје (без скоро никаква или сосема минимална помош од родителите) глината ни беше единствен и основен извор на приход. Живеевме под кирија во мала подрумска соба. Работевме накит ноќе, а дење го продаваме пред хотел Бристол. Имаше денови кога премрзнувавме од студ, под нозе стававме картони за да го издржиме денот, и силно се гушкавме. Љубовта што тогаш се роди, трае и ден денес. И покрај тоа што поминувам осум часа во ординација, и понатаму до доцна во ноќта создаваме уметност. Сега веќе имаме три деца.

Ателје Совршен свет

ММ: Која е водечката инспирација за создавањето?

Инспирацијата за нашите дела ја наоѓаме насекаде околу нас. Како апликација на нивните пижами, како играчка во големата кутија, како потреба да подарат нешто уникатно на симпатијата со која учат ❣️😂 Продажбата ни е претежно – он лајн преку две страни кои редовно ги уредувате. Едната е за наш македонски пазар, едната е за странски пазар…Тоа се Ателје Совршен свет/Perfect art studio.

Ателје Совршен свет

ММ: Дали може да се живее од професијата ракотворец и колку луѓето знаат и купуваат парчиња рачна изработка?

На почеток, кога решивме сериозно да се насочиме и да живееме од нашата креативност, тешко се организиравме со простор за работа, со кутии и амбалажи во кои сета таа љубов и креација ќе ја спакуваме како целосен производ… со брзи пошти, сметки и начин на транспорт во други земји. Но полека ги средувавме сите тие проблеми. Денес веќе имаме наше комотно ателје, имаме штанци за кутии скоро за сите производи…

Ателје Совршен свет

ММ: Може ли да ни кажете нешто за идните планови?

Планови имаме многу. Да се љубиме и понатаму, зошто уметноста се храни со љубовта да направиме еден креативен центар за талентирани деца со кои ќе креираме и работиме едукативно… и да си отвориме за многу скоро изложбено продажна галерија, каде ќе бидат изложени сите наши дела, каде ќе може да се допрат и каде ќе може да се почувствува сета таа љубов… / М.М.

Ателје Совршен свет

Ателје Совршен свет

Ателје Совршен свет

You may also like

Comments are closed.