Модната недела на Амстердам (AFW) ја усвои стратегијата за одржливоста на Модната недела на Копенхаген (CPHFW). Amsterdam Fashion Week и Copenhagen Fashion Week објавија партнерство чија цел е забрзување на одржливоста во модната индустрија на нордиските пазари и во Бенелукс. Како дел од оваа соработка, според Fashionunited, AFW ќе ја спроведе рамката на барањата за одржливоста која е развиена од CPHFW.
Со оваа партнерска иницијатива, започнува едногодишна фаза на пилотирање, која ќе овозможи интеграција на нови стандарди во постоечките критериуми за прием на настаните на модните недели. Полната имплементација на овие барања се очекува да влезе во сила во септември 2026 година.
Рамката за одржливоста е воведена од Модната недела на Копенхаген во јануари 2020 година, во соработка со In Futurum и Dansk Fashion & Textile. Надополнувана е и ревидирана повеќе пати, за да се вклучат промените во политиката на ЕУ.
Според Danie Bles, извршен директор на AFW, одржливоста не е избор, туку иднина на модата. Приклучувајќи се кон барањата за одржливоста се поддржува и напредокот на дизајнерите во нивните напори во овој домен. За Cecilie Thorsmark, извршен директор на Модната недела на Копенхаген, со оваа соработка уште повеќе се зацврстуваат позициите на барањата за одржливоста во Европа, со што се потврдува важноста на модата како двигател на неопходните промени.

You may also like

Comments are closed.