
Во овие тешки времиња на лични но и национални трагедии, младите го пронаоѓаат својот вентил во креативноста. За студентите на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, кои трагично загубија своја соученичка со која го делеа своето секојдневие и страст кон модата, начин на изразување на својата тага e токму низ креативната работа, се вели во соопштението од Институтот.
Традиционалната годишна изложба „Portes Ouvertes“ за деновите на отворени врати во Институтот годинава е омаж на Фросина Кулакова, студентка на Институтот која трагично го загуби животот, во сообраќајна несреќа, во јануари годинава. Во рамки на тридневниот настан, според соопштението, во просториите на Институтот ќе бидат презентирани дела на студентите, вклучувајќи ги и последните дела на Фросина, а сите заинтересирани за Институтот се добредојдени да ја погледнат работата и да поразговараат со професорите за програмата што се нуди.
„Portes Ouvertes 2025 – Hommage a Frosina Kulakova“ ќе се одржи во просториите на Институтот „Изет Цури“, во Старата скопска чаршија, од 27 до 29 март 2025 година, во периодот од 11 до 18 часот.