
Книга што ја оживува историјата и преку уметноста и архивски документи го пренесува духот на македонската народна борба од збор до слика – утре во Чифте Амам ќе биде промовирана публикацијата „Црвен се барјак развева“, на проф. д-р Кирил Пенушлиски.
Книгата ја следи истоимената изложба, посветена на македонската народна борбена лирика и нејзината интерпретација, преку делата на најзначајните македонски ликовни уметници. Претставува збирка научни текстови кои ги осветлуваат корените, развојот и значењето на борбената лирика во македонската историја и култура, како и нејзиното влијание и пресликување во модерната и современа македонска ликовна уметност. Истовремено, таа функционира и како каталог на изложбата, нудејќи систематизиран преглед на уметничките дела и архивски материјали изложени во просторот на Чифте Амам.
Изложбата „Црвен се барјак развева„, која беше отворена на 9 мај вклучува дела на некои од најзначајните македонски уметници – Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Петар Мазев, Петар Хаџи Бошков, Борко Лазески, Васко Ташковски и други. Покрај сликарските и скулпторските дела, изложени се и документи од непроценлива историска вредност: фотографии, оружје, оригинални црвени барјаци, како и некои од првите збирки на македонски борбени песни.
Целта на проектот е да се истакне богатото културно наследство на македонскиот народ и да се овозможи подлабока контекстуализација на народната борбена лирика во колективната свест, преку современи уметнички изрази.
Изложбата и книгата се реализираат со поддршка од Министерството за култура и туризам, Националната галерија, Музејот на современата уметност, Музејот на Македонија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и музеи од повеќе градови низ земјата, меѓу кои Охрид, Битола, Штип, Куманово, Неготино и Прилеп. Генерален спонзор на проектот е Комерцијална банка АД Скопје.
Книгата „Црвен се барјак развева“ претставува уште една можност за јавноста да се поврзе со светлите денови на македонската историја, низ зборот и сликата, низ споменот и уметноста.