ВестиКултура на живеење

Сочувај го вкусот, сочувај ја традицијата – петти Фестивал на биодиверзитет во Скопје

Скопскиот јабучар централна тема на фестивалот организиран од Слоу Фуд Водно, кој во сабота ќе понуди дегустации, работилници, дебати и активности за сите генерации

Во организација на Слоу Фуд Водно, во сабота, 3 октомври, од 10 до 17 часот, на просторот крај Фонтаната во Градскиот парк во Скопје ќе биде одржан петтиот Фестивал на биодиверзитет, под мотото „Сочувај го вкусот, сочувај ја традицијата“.
Фестивалот е посветен на богатството на природата, зачувувањето на локалните сорти, традиционалното земјоделско наследство и поддршката на локалните производители. Посетителите ќе имаат можност да ги запознаат производителите, да дегустираат локални производи и да дознаат повеќе за значењето на зачувувањето на биодиверзитетот и традиционалните земјоделски практики.
Во фокусот на годинашното издание е скопскиот јабучар – стара и препознатлива локална сорта домат, карактеристична по својот автентичен вкус и значајна за традиционалната скопска градинарска култура. Токму преку ваквите примери фестивалот ја истакнува поврзаноста меѓу природното богатство, земјоделското наследство, културата и храната што ја имаме на трпезата.
Фестивалот е реализиран со поддршка од Град Скопје, We Effect и Слоу Фуд Македонија.
На истата локација ќе се одржи и „Ден на граѓанските организации“, во организација на Цивика мобилитас, со дополнителни содржини и активности за граѓаните. За посетителите се подготвени интерактивни работилници, активности за млади, дебати и презентации, како и музичка програма и магионичарско шоу, со што фестивалот ќе понуди содржини за сите генерации.

More in:Вести

Вести

MISS WORLD NEW GENERATION 2026

Минатата недела во Фрушке Терме, Војводина, Србија се одржа првото издание на изборот за MISS ...

You may also like

Comments are closed.