Новата Lady Dior кампања отвори дебата за границите на рекламното претставување на децата, како и за повеќедимензионалноста на современата жена
Ријана е во центарот на новата рекламна кампања на Dior за чантата Lady Dior, во која се појавува и нејзината ќерка Роки Ајриш Мејерс. Наместо класична модна приказна, француската модна куќа избира да го стави мајчинството во фокусот, отворајќи прашања за комерцијалната употреба на ликот на мало дете во рекламна кампања.
Кампањата ја потпишува креативниот директор Џонатан Андерсон, а фотографиите се дело на Сем Рок. На нив Ријана се појавува со својата ќерка, а двете носат предимензионирани кожени јакни. Во композицијата е претставена и новата мала чанта Lady Dior, со препознатливиот Cannage-дезен.
Иако, пораката на кампањата, според изјавата на Ријана, е повеќедимензионалноста на жената, фотографиите предизвикаа поделени реакции на социјалните мрежи. Дел од јавноста го поставува прашањето дали станува збор за објектификација на женското тело и комерцијално искористување на лик на дете, додека други ја поздравуваат видливоста на мајчинството и претставувањето на жената надвор од традиционалните рамки.
Особено внимание привлекува фактот што интимниот однос меѓу мајката и ќерката станува важен емотивен елемент во промоцијата, со што Dior отвора поширока дилема: до каде може да оди една модна куќа во користењето на мало дете за рекламирање?
Без оглед на различните реакции, кампањата веќе го постигна најважното за една рекламна порака па останува прашањето дали Dior навистина сака да ја промовира современата женственост или свесно ја користи провокацијата како дел од маркетиншката стратегија.
Фото: Dior






