Јужнокорејската керамичарка Џихјун Ким со серијата „Salty Fairy Ring“ создава необични, разнобојни садови инспирирани од печурки, митологија и народни верувања. Нејзините најнови дела се претставени на саемот „Collect 2026“ во „Somerset House“ во Лондон.
На прв поглед, формите потсетуваат на фантастични печурки и самовилски кругови, како што замислила авторката, но нивните заоблени садови поставени на необични стебла можат да предизвикаат и сосема поинаква, помалку магична асоцијација – на тоалетни школки. Токму оваа неочекувана визуелна сличност ја прави серијата уште поинтересна, бидејќи предметите се движат на границата меѓу функционалната керамика, скулптурата и разиграниот дизајн.
Садовите се изработени со техника на лиење керамичка маса, а карактеристичните форми се поставени на извртени, „течни“ стебла, создавајќи впечаток дека лебдат и пркосат на гравитацијата. Ким го усовршила таканаречениот „gloop glaze“, глазура која во печката станува леплива и потечна, па наместо само за украсување ја користи и како конструктивен елемент што ги поврзува одделните керамички делови.
Името „Salty Fairy Ring“, според магазинот Дизајн, ги поврзува двете главни инспирации на Ким – корејското верување дека солта ги одбива лошата енергија и злите духови и европската легенда за „самовилските кругови“, природни кругови од печурки поврзани со магија.
Корејските народни верувања и суеверија се важен дел од творештвото на Ким, која спомените од детството и приказните што ѝ ги раскажувала баба ѝ ги претвора во функционални, разиграни и современи керамички предмети./M.M.
Извор: Dezeen







