Националните тимови во Милано–Кортина 2026 со униформи што го спојуваат спортот со дизајнот и националниот идентитет. Со Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026, модните куќи и спортските брендови се најдоа во фокусот на глобалната јавност преку официјалните униформи за националните олимписки тимови. Традиционално, овие колекции претставуваат повеќе од спортска опрема – тие се визуелна декларација на национален идентитет, културно наследство и технолошка иновација, а Олимпијадата повторно се потврдува како една од најважните светски сцени за стратешко брендирање.За светските магазини и модните креатори нема дилени – нивното внимание е насочено кон униформите што се дел од културниот наратив и се со јасен национален идентитет. Во светските магазини и на социјалните мрежи униформите на монголскиот тим предизвикаа големо внимание и пофални оценки како едни од визуелно најимпресивните. Дизајнирани од модната куќа Goyol Cashmere од Улан Батор, тие ја реинтерпретираат традиционалната монголска облека deel во современ крој со високи јаки и детална изработка — создавајќи впечаток што соединува богата културна историја со функционална естетика за зимски услови. Материјалите како кашмир од Монголија и референците на номадската традиција го прават овој дизајн да доминира, а критичарите го истакнуваат како пример за тоа како спортската униформа може да да биде и културолошки наратив на глобалната сцена.

Канада и на овие Игри настапува во облека дизајнирана од Lululemon, кој по трет пат е официјален партнер на Team Canada. Колекцијата е фокусирана на надворешна облека, дополнета со плетени парчиња, дуксери и базни слоеви. Јакните се украсени со суптилни топографски мапи и двобојни јаворови листови, додека палетата на зелени и сини нијанси директно го рефлектира канадскиот природен пејзаж.

Соединетите Американски Држави повторно се облекуваат во Ralph Lauren, кој од 2008 година е официјален соработник на Team USA. За церемониите на отворање и затворање во Милано–Кортина 2026, брендот претстави колекција што ја продолжува препознатливата естетика на американското наследство и занаетчиство, со Fair Isle капи и ракавици, како и плетени комплети наменети за престој во Олимпиското село.

Покрај тоа, Skims, брендот на Ким Кардашијан, ја претстави својата четврта капсулна колекција за Team USA, наменета за Зимските олимписки и параолимписки игри. Колекцијата опфаќа облека за дома, спиење, машка линија и аксесоари, со класични силуети изработени од премиум материјали и во американска колоритна палета.
Исландските спортисти на Олимпијадата се облечени од 66°North, бренд кој годинава одбележува 100 години постоење. Целосно белата колекција асоцира на ледничките површини на земјата, додека суптилните детали во патентите со градиент од црвена кон сина боја претставуваат алузија на националното знаме.
Бразилската олимписка делегација во Милано–Кортина 2026 настапува во соработка со Moncler, кој е официјален спонзор на Бразилскиот олимписки комитет и технички партнер на Федерацијата за зимски спортови. Брендот ги обезбедува облеките за церемониите на отворање и затворање, како и техничката опрема за алпскиот скијачки тим, со поддршка од амбасадорот и врвен скијач Лукас Пињеиро Братен.
Како домаќин, Италија се претставува со колекција на EA7 Emporio Armani, официјален партнер на Фондацијата Милано–Кортина 2026. Комплетната гардероба за олимписките и параолимписките спортисти вклучува скијачки костуми, техничка облека, тренерки и аксесоари, дизајнирани во млечно бела боја со вез „Italia“ и дискретни детали во боите на италијанското знаме.
Велика Британија на церемониите настапува во дизајн на Ben Sherman, кој во оваа прилика соработуваше со петкратниот олимписки медалист Том Дејли. Колекцијата вклучува рачно изработени шалови и зимски капи за спортистите што го носат националното знаме, како и снежни костуми и јакни со геометриски мотиви инспирирани од британското знаме и симболите на Team GB и Paralympics GB.

Шпанија на Игрите се појавува во облека од Joma, креирана за екстремни зимски услови и поделена на повеќе линии – од парадни униформи до удобна облека за Олимпиското село, со силен акцент на националната симболика.
Од почетокот на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026, овие униформи се дел од глобалната олимписка слика, потврдувајќи дека модата и спортот и понатаму заедно ја раскажуваат приказната за националниот идентитет на светската сцена./М.М.

 

You may also like

Comments are closed.