Победничка година за Stella McCartney, Maison Margiela и Ganni во модата без суровост
Во годината што изминува, свеста за хуман третман на животните станува сè повлијателна сила во модната индустрија, менувајќи навики, стандарди и очекувања. Токму затоа, организацијата People for the Ethical Treatment of Animals (PETA) ги сумира постигнувањата и преку годишните PETA Fashion Awards им оддава признание на модните визионери кои го предводат овој етички пресврт.
Потпретседателката за корпоративни проекти на PETA, Ивон Тејлор, во изјава за FashionUnited истакнува дека „од пердуви без пердуви до најмеката и најлуксузна растителна волна, модата без суровост никогаш не била подобра. Според неа, наградите јасно покажуваат дека „сочувството никогаш не излегува од мода и дека победниците трасираат пат кон „понасочувствена ера на модната индустрија.
Во изданието за 2025 година, Stella McCartney — долгогодишен фаворит на PETA — повторно се најде на врвот, освојувајќи ја наградата Best Luxury Moment за интеграцијата на растителни пердуви, произведени од британскиот Fevvers, во ревијата на Paris Fashion Week. Нејзиниот концепт уште еднаш ја потврдува лидерската улога во развојот на материјали што го заменуваат животинското потекло, но со врвен естетски и технички квалитет.

Многумина од наградените беа издвоени токму поради иновативните материјали без животинско потекло. Maison Margiela ја освои наградата Best Vegan Knitwear за користењето коноп како одржлива и животински етичка алтернатива, додека Ganni ја доби наградата Best Vegan Leather Collection благодарение на Oleatex — кожа добиена од маслинки, која веќе се вбројува меѓу најпосакуваните нови материјали. Coperni го понесе Most Wanted Award за култната biker јакна изработена од кожа од кактус, додека Vivobarefoot ја освои наградата Best Vegan Shoes за моделот Gobi изработен од материјал добиен од печурки.
Производителите на напредни текстилни решенија исто така беа истакнати. Caxacori ја доби Innovation Award за својот Shiringa Bio-Leather, Tandem Repeat беше награден со Best Plant Wool за волна произведена од отпад од пиво, а Alma New York ја освои наградата Best Vegan Bags за торбите изработени од Banofi — кожа добиена од банани.
Начинот на кој се менува индустријата се огледа и во категориите што го одразуваат поширокиот системски пресврт. Amsterdam Fashion Week беше издвоена со наградата Best Catwalk Moment поради својата одлука да ги забрани кожите од диви животни и природните пердуви, додека Ba&sh го освои Best High Street Moment со приклучувањето кон PETAs Feather-Free Pledge. На крајот, актерката Кејт Бланшет ја доби наградата Red Carpet Award за нејзината доследна поддршка на модата без суровост на престижните настани.
Наградите сведочат дека модниот сектор веќе сериозно ги менува практиките, префрлувајќи се кон напредни, етички развиени материјали што ја обликуваат новата ера на одржлива мода./М.М.



















