Mazzu е револуционерен душек, со „отворена структура“ и променливи димензии, а секој дел е биоразградлив или може да се рециклира.
Кинескиот старт-ап Mazzu во соработка со британското дизајнерско студио Layer, создаде одржлив дизајн на душек изработен од пружини покриени со текстил. Mazzu Open е дизајниран да биде удобен како традиционален душек, а притоа и да е приспособлив, поправлив и лесен за пакување при преселби, за да го продолжи животниот век на производот. Има пружини завиткани со текстил, сместени помеѓу основната „матрица“ и обложената горната површина која ги држи пружините на место. Сите компоненти или се рециклираат или се биоразградливи, а при изработката не е користен ниту лепак.
Модуларниот дизајн на душекот значи дека купувачите можат да ги третираат пружините како „пиксели“, избирајќи помеѓу три нивоа на цврстина за секоја точка, за да создадат шема за поддршка по сопствен избор. Ова овозможува паровите да ја прилагодат сопствената страна на креветот.
Структурата е оставена отворена од страните за препознатлив, утилитарен изглед – едновремено е и хигиенска бидејќи, според студиото Layer, корисниците можат да ја проверат внатрешноста на душекот и секој елемент да го расклопат за да го исчистат .
Дополнителните пружински модули, потоа различната основа и горен дел можат да ја променат големината на душекот, а целиот комплет може да се компресира до околу 80 проценти од неговата големина, кога ќе се расклопи. Имено, душекот доаѓа во систем за пакување во делови, за повеќекратна употреба, во неколку кутии, од кои секоја тежи помалку од 10 килограми.
Пружините на Mazzu Open се од челик, изработени во вид на песочен часовник, обвиткани со двобоен 3D-плетен полиестер, системот за поврзување е од пластика, а горниот дел од душекот е од волна. Најмногу време е работено на изнаоѓање на решение за едноставно и удобно поврзување на пружините. Од брендот истакнуваат дека дизајнот на системите за поврзување е менуван десетици пати додека се тестирани силата, леснотијата на користењето, бучавата и удобноста. Деталите се на : https://www.mazzu.com.cn/