Lego и Crocs започнаа повеќегодишна соработка со колекционерски обувки во форма на коцка, насловени како Lego Brick Clog
Lego и Crocs официјално започнаа повеќегодишна стратешка соработка која ќе опфати низа заеднички производи од областа на играчките и на модните додатоци за деца и возрасни, а првиот резултат од партнерството е необичниот модел обувки наречен Lego Brick Clog – кломпа дизајнирана по пример на препознатливата Lego коцка.
Новите обувки се изработени во пропорции на класичната Lego коцка, во впечатлива црвена бојав и дизајн со кој визуелно се имитираат коцките на брендот. Станува збор за колекционерски модел со нагласено скулптурална форма, кој повеќе има карактер на дизајнерски објект отколку на секојдневна обувка. Од Crocs отворено посочуваат дека овој модел не е наменет за целодневно носење, туку за љубителите на брендот и за оние што сакаат преку модата да изразат креативност и индивидуалност.
Lego Brick Clog е произведен од истиот материјал што Crocs го користи и кај своите стандардни модели – вид еластична пластична пена позната како PEVA (polyethylene vinyl acetate). Ѓонот е дополнително стилизиран за да потсетува на долната страна на Lego коцка, со што се добива уште поизразена тематска кохерентност.
Како дел од концептот на колекционерски производ, секој пар доаѓа и со Lego минифигура, која добива четири пара минијатурни Crocs, со што симболично се поврзуваат двата бренда.
Партнерството меѓу Lego и Crocs нема да се задржи само на овој модел. Во текот на годината се најавени и Lego Jibbitz приврзоци, наменети за персонализација на класичните Crocs кломпи, како и дополнителни производи кои ќе бидат дел од пошироката соработка.
Иако производот привлече големо медиумско внимание, реакциите на јавноста се поделени. Дел од публиката го поздравува смелиот концепт и хумористичниот пристап кон дизајнот, додека други ја критикуваат практичноста на моделот и високата цена од 199,99 фунти. Сепак, токму контроверзноста и силниот визуелен идентитет придонесоа Lego Brick Clog брзо да стане тема на дискусија на социјалните мрежи.
Со партнерството со Lego, Crocs и натаму ја гради својата стратегија на провокативни и концептуални производи, додека Lego дополнително го проширува своето присуство надвор од светот на играчките, позиционирајќи се како бренд што комуницира со современата култура, дизајнот и модата./M.M.



















