
На Модната недела во Милано (Milan Fashion Week), познатиот бренд Dolce & Gabbana ја презентираше својата нова колекција за есен/зима 2025, наречена „Cool Girls“. Колекцијата, инспирирана од секојдневните стилови на моделите и на нивните лежерни, но софистицирани изгледи, се навраќа на естетиката популарна во 2010-тите години.
Оваа ревија се разликуваше од претходните, бидејќи поради градежни работи дизајнерите изградија подиум и на улицата. Моделите не само што ја проодеа пистата во театриот, туку се упатија и на улица, пречекани од илјадници обожаватели и изненадени минувачи. Со оваа нестандардна ревија, Dolce & Gabbana создаде освен модна и урбана атмосфера во центарот на Милано.
Колекцијата „Cool Girls“ ја истакнува едноставноста и спонтаноста на секојдневните изгледи на познатите моделки. Класични винтиџ маички, карго панталони, кожни чевли и дизајнерски јакни создаваат урбана и елегантна комбинација. На пистата можеа да се видат и винтиџ и ретро елементи, потсетувајќи на D&G линијата од 2000-те години, но со современ пристап.
„Целосно го променивме расположението, рече Gabbana во студиото. „Бевме инспирирани од Vittoria Cerreti, Irina Shayk, Mona [Tougaard] – од начинот на кој се облекуваат во реалниот живот, на улица. Сето беше многу спонтано“.
Првиот дел од „Cool Girls“ се фокусираше на лежерни и слободни комбинации, додека во вториот можеа да се видат куси вечерни фустани со кристални украси, за комплетен впечаток на вечерен изглед.
Музиката на ревијата, која ја избра Викторија Де Анџелис од Maneskin, создаде енергична и младешка атмосфера, со теми кои дополнително ја нагласија бунтовничката и слободоумна природа на колекцијата./M.M.