- Perwoll Fashion Week отвора прашања за цената на индустријата
Под мотото „ЗЕМЈА · ВОДА · ВОЗДУХ“, утре, 16 април, во Белград, Србија, започнува 57. издание на Perwoll Fashion Week, кое до 23 април ќе ја стави во фокус врската меѓу современото општество и природата, отворајќи прашања за одговорноста на модната индустрија кон животната средина.
Пролетното издание на Белградската недела на мода доаѓа во момент кога глобалната еколошка свест сè поинтензивно се преиспитува, а модата сè појасно се позиционира како јазик преку кој се артикулира односот кон светот што го создаваме, но и го нарушуваме. Организаторите нагласуваат дека ова издание не ја третира природата само како инспирација, туку како основа на постоењето, поставувајќи ја модата во пресекот меѓу естетиката, знаењето и одговорноста.
Организаторите потсетуваат дека секое парче облека остава трага – во водата преку бои и микровлакна, во воздухот преку емисии и транспорт, и во земјата преку отпад кој опстојува со децении. Според податоците што ги споделуваат, дури 85 проценти од текстилот завршува на депонии или се согорува, додека текстилната индустрија учествува со значителен удел во индустриското загадување на водите и со околу 10 проценти во глобалните емисии на стакленички гасови.
Визуелната кампања на годинашното издание е реализирана преку три тематски целини, зад кои стојат истакнати автори. Сегментот „Земја“ го потпишуваат фотографот Душан Миленковиќ и стилистката Оља Марковиќ, „Вода“ го интерпретираат фотографите Миша Обрадовиќ и Владан Милисављевиќ заедно со дизајнерката Соња Јоциќ, додека „Воздух“ е дело на фотографот Небојша Бабиќ и креаторката Будислава Кековиќ. Кампањата е реализирана во природниот амбиент на Борачки крш, заштитен споменик на природата во срцето на Шумадија, кој ја спојува геолошката и историската слоевитост.
Свеченото отворање е закажано за утре со ревија на Марија Тарлаќ во Музејот на африканска уметност, додека ревијалниот дел од програмата ќе продолжи за време на викендот во Хангарот на Лука Белград, каде домашни дизајнери ќе одговорат на темата преку форма, силуета и материјали.
Програмата и годинава ќе обедини етаблирани имиња, млади автори и студенти по мода. Посебно внимание ќе привлече ревијата на финалистите од конкурсот Fashion Incubator – Re:Think New by Perwoll, додека програмата Cirkulator ќе понуди работилници и разговори посветени на одржливата мода во Домот на култура „Силоси“, каде ќе биде поставена и изложба во соработка со Италијанската амбасада.
Со јасна порака – три елементи, три перспективи, една одговорност – 57. издание на Perwoll Fashion Week не се задржува само на естетиката, туку се позиционира како повик за конкретна акција во време кога последиците од модната индустрија повеќе не можат да се игнорираат.
Фото: Perwoll Fashion Week



















