Во виното не е само вистината. Има и многу други нешта – Во виното и во грозјето се и љубовта и здравјето и убавината…

 

Одгледувањето грозје започнало упте пред 6000-8000 години на Блискиот исток, а благодарение на габичката квасец која природно се наоѓа под обвивката на грозјето, откриено е дека со ферментација можат да се добијат алкохолни пијалоци. Најстарата винарија, која датира од 4.000 година п.н.е., е пронајдена во Ерменија. Од виновата лоза (Vitis vinifera), низ времето се развиле околу10.000 различни сорти винова лоза.

Повеќето сорти грозје, околу 60 милиони тони, се користат за производство на вино. Од белите сорти, за вина се користат шардоне, морава, мускат отнел, ризлинг, семиџон, смедеревка, темјан, а од црвените сорти: шираз, пино-ноар, прокупак, каберне, совињон, мерло.

Здравје

Грозјето е малку калорично. Шолја грозје обезбедува до 25 проценти од препорачаната дневна доза на витамин Ц. Повеќето сорти имаат калиум, што е добро за намалување на крвниот притисок, како и помали количини на калциум, железо, магнезиум, фосфор, цинк, витамин К, А и Б. Грозјето, исто така, содржи многу корисни биофлавоноиди. Лутеинот и зеаксантинот се неопходни за здравјето на очите.

Антоцијанините, во црното грозје, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и карцином. Исто така, грозјето создржи и кверцетин, растителен пигмент кој го регулира нивото на холестерол во крвта и влијае на намалување на можноста за формирање на тромб.

Некои истражувачи веруваат дека кверцетинот го намалува ризикот од срцев удар, иако повеќето тврдат дека ресвератролот игра улога во намалувањето на кардиоваскуларните проблеми и го намалува ризикот од карцином и мозочен удар. Количеството на ресвератрол, која се наоѓа во обвивката на грозјето и во семето, варира многу во зависност од сортата. Свежата епидермиса може да содржи од 50 до100 микрограми ресвератрол на грам. Кога станува збор за внесувањето на ресвератрол, подобро е да се консумира свежо грозје отколку вино, чиј внес е ограничен на една чаша за жени и две чаши за мажи.

Грозјето содржи и салицилати, состојки слични на главната состојка на аспиринот, кои имаат улога во спречување на формирањето тромби. Бидејќи ги има и во виното, се смета дека играат слична улога.

Маслото од семе од грозје е полинезаситено и ако е ладно цедено, може да се користи во готвење, но и за нега на кожа и коса, бидејќи содржи многу витамин Е и омега шест масни киселини.

Убавина

Ресвератролот е растително соединение кое делува како антиоксиданс. Врвните извори на храна го вклучуваат црвеното вино. Главната акција на ресвератролот е антиоксиданс – ги неутрализира слободните радикали, спречува оксидација на холестерол и ја стимулира работата на природните антиоксиданти. Ја инхибира активноста на штетните реактивни соединенија што се јавуваат при нормални метаболички активности и со тоа спречува оштетување на клеточните структури.

Помага при топење на масните наслаги. Неодамнешните студии покажуваат дека ја зголемува способноста на мускулите да апсорбираат гликоза од храната. Колку повеќе глукозни мускули користат за создавање енергија, толку помалку гликоза се таложи во масните клетки.

Во медицинската козметологија ресвератролот е составен дел на лигтинг кремите за лице и тело, додека во Бордо цели спа центри го користат ресвератрол за скапи третмани за целосна обнова на телото. /М.М.

 

You may also like

Comments are closed.