По речиси две години пауза, Џон Галијано е повторно во центарот на модното внимание, овој пат со необична соработка со Zara. „Re{form} Zara by John Galliano: Vol. 1“ е првото поглавје од двегодишното партнерство со шпанскиот бренд, во рамките на кое дизајнерот не создава колекција од почеток, туку ја презема постоечката облека на Zara како суровина за нови креации.
Наместо едноставно да дизајнира нови модели, Галијано ги расклопува постоечките парчиња, ги сече, ја менува нивната големина, ги комбинира и повторно ги конструира во сосема нови силуети. Токму овој пристап, карактеристичен за неговото експериментално и театрално дизајнерско изразување, ја прави колекцијата поинаква од вообичаените соработки меѓу големите дизајнери и модните брендови.
Панталоните се расклопени и повторно составени во кратки и волуменозни форми, предимензионирана кошула е трансформирана така што потсетува на палто. Пренагласените џебови ја менуваат формата на кроените парчиња, а проѕирните слоеви создаваат впечаток дека повеќе различни парчиња се претопуваат во едно.
Во „Re{form}“ Галијано се враќа и кон историските референции што го следат низ целата кариера. Колекцијата е инспирирана од „Les Incroyables“ и „Les Merveilleuses“, ексцентричните фигури од Франција по Француската револуција, кои биле и инспирација за неговата прочуена дипломска колекција од 1984 година на Central Saint Martins.
Истата естетика се препознава во палтата, драматичната горна облека, бридж-панталоните, фустаните со кос крој, долгите ракавици и впечатливите шапки и украси за глава, создадени во соработка со неговиот долгогодишен соработник, модистот Стивен Џонс. Шифонот, жоржетот, тулот, мрежестите ткаенини и шармезот дополнително ја нагласуваат препознатливата естетика на Галијано.
Колекцијата опфаќа женска и машка мода, кроени парчиња, фустани, плетива, долна облека, обувки, чанти и модни додатоци, а нејзиниот концепт се протега и надвор од самата облека. Кампањата ја фотографираше Стивен Мајзел, еден од фотографите со кои Галијано соработува со децении.
За лансирањето, Zara и Галијано презедоа историски хотел-партикулер во Париз, каде што до 6 октомври се одржува поставка достапна со претходна најава. Просторот не е само продажно место, туку и своеобразна изложба што го претставува процесот на создавање на колекцијата.
„Re{form}“ е првиот голем моден проект на Галијано по неговото заминување од Maison Margiela во 2024 година, каде што беше креативен директор десет години. Партнерството со Zara е договорено на две години и предвидува вкупно четири колекции, што според Галијано претставува почеток на неговото „трето поглавје“ во кариерата.
Колекцијата се појавува во период кога за Галијано повторно интензивно се пишува во светските медиуми. На 31 август беше објавено дека е откажана изложбата „John Galliano: Horizons“, планирана за мај 2027 година во Метрополитен музејот во Њујорк, како дел од програмата поврзана со Met Gala. Одлуката уследи по силните реакции на еврејски лидери, политичари и донатори поради неговите антисемитски изјави од 2011 година. Галијано и музејот потоа заеднички соопштија дека изложбата нема да нема да биде одржана.
Првата колекција „Re{form} Zara by John Galliano: Vol. 1“ веќе е достапна преку Zara, а избрани модели се продаваат и во продавниците во Лондон и Мадрид. Интересот за колекцијата беше голем уште при лансирањето, со редици пред продавниците и брзо распродадени модели, што покажува дека потписот на Галијано има сила да привлече внимание и во сосема поинаков ценовен и продажен сегмент./M.M.
Фото: Zara

















