Ленени костуми, природни тонови, впечатливи црвени акценти и нагласена занаетчиска изработка ја одбележаа 110. едиција на најважниот машки моден саем во Фиренца.
И покрај предизвикувачките услови на глобалниот моден пазар, 110. издание на Pitti Uomo во Фиренца испрати оптимистична порака за иднината на машката мода. Најважниот светски саем за машка облека, одржан во комплексот Фортеца да Басо, ги претстави клучните насоки за сезоната пролет/лето 2027, каде доминираа минимализмот, квалитетните материјали и дискретната елеганција.
За разлика од гласната атмосфера на саемските настани, колекциите беа значително помирни и прочистени. Многу брендови се оддалечија од нагласената улична естетика и се насочија кон префинети, функционални и современи кроеви. Широките силуети остануваат важен елемент и кај лежерната и кај деловната облека, но со поумерени пропорции и поголема носливост.
Ленот повторно се потврди како еден од најзначајните материјали за летната сезона. Костумите од лен, па дури и комбинациите со бермуди, беа присутни кај голем број брендови, додека текстурите и рачните детали добија уште поголемо значење. Поло маиците и кошулите се изработуваат со кроше елементи и релјефни површини, со што едноставните модели добиваат дополнителна димензија.
Иако палетата главно беше составена од земјени и неутрални тонови, црвената боја се наметна како најсилен акцент. Од бордо до чисто црвена или со светли нијанси, оваа боја се појавуваше како освежување во инаку смирените колекции.
Во сегментот на додатоците, големите викенд-торби и шопинг модели се издвојуваат како неопходен елемент за сезоната. Истовремено, функционалните детали инспирирани од workwear естетиката, како карго елеците и практичните прегради за секојдневни предмети, продолжуваат да бидат присутни во машката гардероба.
Посебно внимание привлекоа и специјалните проекти и ревиите организирани од Pitti Immagine. Гостинските дизајнери понудија нови интерпретации на современата машкост, комбинирајќи класично кроење со работничка и надворешна облека, додека младите автори покажаа дека експериментот и занаетчиската изработка остануваат важен дел од иднината на модата.
Според првичните податоци, Pitti Uomo 110 собра повеќе од 15.000 посетители од над 90 земји и околу 11.000 купувачи. Иако бројките бележат благ пад во однос на минатата година, организаторите оценуваат дека атмосферата и квалитетот на понудените колекции потврдуваат дека Фиренца и натаму останува центарот од кој се диктираат трендовите во машката мода.
Контрастот помеѓу гласната“ атмосфера на саемот и тивките“ колекции, односно враќањето кон тивкиот луксуз, материјалите и занаетчиските детали е нешто што веројатно ќе се прелее и во пошироките модни трендови за 2027 година./M.M.
Фото: Spötter für FashionUnited

















