Неокласичниот проект висок 76 метри, инспириран од парискиот триумфален свод, предизвикува остри политички и естетски полемики
Комисијата за ликовни уметности на САД (CFA) го одобри проектот за монументална Триумфална капија во Вашингтон, наречен уште и како „Arc de Trump“, односно „Триумфална капија на Трамп“, која треба да биде изградена на кружниот тек кај Меморијалниот мост Арлингтон, на јужниот брег на реката Потомак.
Проектот, официјално именуван како „Триумфална капија на Вашингтон“, е дело на студиото Harrison Design од Атланта и првпат беше претставен во октомври 2025 година. Капијата ќе достигне височина од 76 метри, што е речиси 30 метри повеќе од познатиот Триумфален свод во Париз, со кој често се споредува.
Од проектот досега се отстранети златните лавови кои беа предвидени во основата, но остануваат позлатените ангели, декоративните детали, како и натписот „One Nation Under God“.
Архитектот Николас Лео Шарбoно од Harrison Design изјави дека проектот е замислен како обележје на 250-годишнината од основањето на САД и како симбол на американската слобода, моќ и историско наследство.
И покрај одобрението од Комисијата за ликовни уметности, според магазинот Дизајн, проектот сè уште нема конечна дозвола за реализација и треба да помине дополнителна ревизија од Националната комисија за планирање на главниот град.
Во меѓувреме, според реакциите на социјалните мрежи потфатот е оценет како контроверзен, додека здруженијата на ветерани веќе покренаа и тужби, предупредувајќи дека монументот би можел визуелно да го наруши амбиентот на блиските меморијални простори.
Американскиот претседател Доналд Трамп го оправда проектот со ставот дека Вашингтон е „единствениот голем и важен град“ без ваков монументален симбол. Според плановите, објектот ќе содржи три нивоа со внатрешни простории – галерија и панорамска платформа сместена блиску до врвот на конструкцијата.
Триумфалната капија е само дел од пошироката визија на Доналд Трамп за редизајн на американската престолнина. Меѓу другите проекти се и планираната свечена сала во Белата куќа, како и преуредувањето на базенот Reflecting Pool, чија сина боја веќе предизвикува јавни и правни реакции./М.М.
Фото/графика: Harrison Design студио преку CFA



















