Мода вестиМоден мозаик

Розов бран и дезени на марама – нова летна колекција на Skims

Новиот летен избор носи смели бои, ретро инспирација и модели што ја нагласуваат силуетата, задржувајќи ја препознатливата инклузивност на брендот

Американскиот бренд Skims ја претстави својата нова Swim колекција, со која повторно ја потврдува стратегијата на внимателно градење на визуелен идентитет што се движи помеѓу минимализмот и тренд-експресијата.

Новата линија, која веќе е достапна на официјалната платформа на брендот, носи освежен пристап кон летната гардероба, со акцент на впечатливи bandana принтови и интензивна розова нијанса што, според соопштението на брендот, е наменета да „остави впечаток каде и да се појавите“. Колекцијата доаѓа како продолжение на веќе препознатливата естетика на Skims, која во последните сезони успешно ги спојува функционалноста, телесната инклузивност и комерцијалната пристапност.

Новата swim линија, како што пренесуваат светските модни медиуми, се надоврзува на веќе воспоставениот модел на брзи, сезонски „drop“-ови, кои создаваат чувство на ексклузивност кај потрошувачите.

Во визуелна и дизајнерска смисла, колекцијата игра на линијата помеѓу класични кроеви и трендовски интервенции. Bandana мотивите, кои се враќаат како силен референс од почетокот на 2000-тите, се трансформирани во современ контекст, додека монохроматските парчиња во заситена розова боја ја нагласуваат силуетата и ја следат актуелната глобална тенденција на летната модата.

Медиумските реакции ја потенцираат и конзистентноста на брендот во однос на политиката на цените, која останува една од клучните конкурентски предности. Skims и овојпат ја задржува инклузивноста како централна вредност, нудејќи модели за различни типови на тело, што дополнително ја зацврстува позицијата на пазарот.

Фото: Skims

 

You may also like

Comments are closed.