Мода вестиМоден мозаик

Michael Kors – 45 години прославени со Night at the Opera

Мајкл Корс приреди модна интерпретација на оперска драма – раскошна, емотивна и прецизно режирана.

Со спектакуларна есенско-зимска колекција претставена во рамките на модната недела (New York Fashion Week), модната куќа Michael Kors официјално одбележа 45 години постоење, потврдувајќи го статусот на бренд кој длабоко е вкоренет во урбаната енергија и гламурот на Њујорк. Јубилејниот настан се одржа во легендарната зграда на Metropolitan Opera, простор што, според самиот дизајнер, најдобро ја отсликува двојната природа на градот – сурова и брутална, но истовремено раскошна и возбудлива.

Обраќајќи се пред гостите, Michael Kors истакна дека токму „грубата, но магнетна“ енергија на Њујорк со децении ја обликува неговата естетика и дизајнерскиот пристап. Таа инспирација јасно се чита и во оваа колекцијата, замислена како модна интерпретација на оперска драма, во целосна хармонија со архитектурата и симболиката на просторот. За сето говори и пригодниот прилог што може да се види на следниот линк:

Ревијата, која наместо класичен подиум наликуваше на внимателно режиран сценски настан, обедини вечерна раскошна и  дневна елеганција. Долги оперски ракавици, впечатливи висечки обетки, пердувести здолништа и транспарентни блузи под костуми создадоа силен визуелен впечаток, надополнет со светкави брошеви и драматични аксесоари. Особено се издвојуваа црвената сатенска оперска наметка и волуменозното палто од вештачко крзно, како јасна потврда на решителноста на Kors од 2018 година да не користи крзно од животни.

Дневните комбинации беа далеку од секојдневни: сјајни тренч-палта, прецизно кроени, но сензуални костими и асиметрични здолништа со набори и краеви што внесуваа чувство на движење и недовршена елеганција. Дизајнерот внимателно ги контролираше пропорциите, со подолги сакоа комбинирани со миди и макси должини, додека палетата на бои се движеше од неговите препознатливи неутрални нијанси до драматични црвено-црни контрасти.

Јубилејниот карактер на настанот дополнително беше нагласен со појавувањето на Кристи Тарлингтон Бурнс, икона на модата и заштитно лице на првата рекламна кампања на брендот, како и на младата манекенка Алекс Консани, симбол на новата генерација. Нивното присуство јасно ја подвлече идејата за континуитет и дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на брендот на Michael Kors.

Со музичка подлога што вешто ги спои класичните мотиви на „Лебедово езеро“ со современи звуци, ревијата уште еднаш ја потврди наклонетоста на дизајнерот кон спојот на традицијата и модерното. Прославата продолжи надвор од модната сцена, во вистински њујоршки дух, како потсетник дека по 45 години во модата, Michael Kors не само што ја слави својата историја, туку и понатаму ја гради со истата енергија, драматичност и препознатлива урбана елеганција.

Со оваа прослава, Michael Kors не само што одбележа значаен јубилеј, туку и симболично ги спои трите големи њујоршки институции – операта, модата и ноќниот живот – во една вечер. Резултатот беше настан што ја слави историјата, но истовремено јасно гледа напред, потврдувајќи дека по 45 години, брендот и понатаму знае како да ја раскаже својата приказна со ист интензитет и релевантност.

Фотографии: инстаграм Michael Kors

 

You may also like

Comments are closed.