
Во новото издание на пејачката се спојуваат симболика, современиот звук и визуелен концепт што ја следи идејата за прочистување и нов почеток
Симона Поповска ја претстави својата нова песна „Бели ноќи“, во која преку текст, музика и визуелна интерпретација се обработува темата за љубовта, искушенијата и внатрешната промена.
Видеото започнува со бела сцена што ја симболизира невиноста и почетокот, за потоа постепено да преминува во зелени нијанси што претставуваат раст и обновување, но и несигурност и хаос. Во завршницата, се појавува дожд како знак на прочистување и нов почеток.
Автор на текстот е Робин Зимбаков, музиката и аранжманот ги потпишува Панче Касапски, а видеото е изработено во режија на Крсте Шупев и Стефан Петровски.
Поповска за новата песна вели дека идејата произлегува од потребата да се прикаже животот како процес на прифаќање и промена, во кој несовршеноста е дел од личниот раст.
„Бели ноќи“ е објавена на сите дигитални платформи, а видеозаписот е достапен на официјалниот YouTube канал на Симона Поповска: