
Бакарот повторно влегува во кујните: традицијата и здравјето го враќаат интересот за бакарни садови
Се смета дека бакарните чаши и тенџериња придонесуваат за подобар имунитет, здравје на кожата и природна детоксикација, па сè повеќе луѓе повторно ги вклучуваат во секојдневието.
Трендот на користење бакарни садови за готвење и пиење вода добива нов подем, поттикнат и од традиционалната медицина и од современи студии кои укажуваат на можните здравствени придобивки. Водата што се чува во бакарни чаши се смета дека има антибактериски и антиоксидативни својства, го јакне имунитетот, го подобрува варењето, придонесува за поубава кожа и коса, како и за регулирање на хормоните.
Се смета дека бакарот ја прочистува водата уништувајќи бактерии и вируси, а воедно е клучен елемент во создавањето меланин, кој ја одредува бојата на косата, очите и кожата. Токму овие својства се причина многумина повторно да изберат бакарни чаши и садови за готвење, иако современата индустрија одамна ги потисна со нерѓосувачки челик и стакло.
Сепак, лекарите и нутриционистите повикуваат на внимателност: бакарот е корисен, но телото може да апсорбира ограничено количество минерали.
Инаку, бакарот имал значајно место во секојдневниот живот на луѓето на овие простори. Уште од антички времиња се користел за изработка на садови за вода, за готвење и за чување на намирници. Во традиционалните домови, бакарните ѓезви за кафе, тави и тенџериња биле дел од кујната, а нивната долговечност и блескав изглед биле знак на грижа и ред. Често се пренесувале од генерација на генерација, како дел од семејното наследство.
Овој повторен интерес покажува дека старите практики сè почесто добиваат нова вредност во современиот начин на живот, каде што луѓето бараат природни решенија за здравје и рамнотежа, но и враќање кон автентичната културна традиција.Се препорачува водата да отстои најмалку шест часа во чаша од бакар, а садовите да се чистат природно, со лимон и вода, без агресивни детергенти./M.M.