Филмската критичарка Марина Костова е избрана за потпретседателка на светската федерација на филмски критичари
Македонската филмска критичарка и новинарка Марина Костова е избрана за потпретседателка на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ, што претставува историски момент за македонската критика. По првпат во вековното постоење на организацијата, во нејзиното раководство е вклучен критичар од Македонија, земја чија секција е мала, но активна на бројни фестивали низ светот.
Изборот се одржа на Генералното собрание, во Будимпешта, на 17 и 18 септември, кога беше назначено ново раководство со мандат од четири години. За претседател е избран Ахмед Шауки од Египет, а заедно со Костова, потпретседателки се и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.
„Оваа функција ја сфаќам како огромна чест, не само за мене лично туку особено за нашата Македонска секција на ФИПРЕСЦИ. Почнуваме нова ера со прекрасен и посветен тим, а горда сум што и нашата мала секција ќе биде дел од тоа“, изјави Костова, најавувајќи дека ќе работи на зајакнување на соработката со фестивалите и на враќање на почитта кон независната критика.
Марина Костова е претседателка на македонската секција на ФИПРЕСЦИ, заменичка-главен уредник во дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и авторка на неколку книги. Била член на жирија на фестивалите во Венеција, Оберхаузен, Виена, Луксембург, Сараево, Истанбул и Солун, а е дел и од тимот што го изработи првиот македонски Речник на медиумската писменост.
ФИПРЕСЦИ е основана во 1925 година и обединува критичари од 90 земји. Организацијата доделува престижни награди на над 100 фестивали годишно, како и Гран при за најдобар филм на годината во Сан Себастијан. Јубилејот се одбележува со специјални настани на најголемите филмски фестивали во Венеција, Кан и Берлин.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.